Фото: Игор Бансколиев

Најпознатиот цитат за Бускетс останува најдобар и му се припишува на Висенте дел Боске, селекторот со кој Бускетс го освои Светското првенство во 2010 година: „Го гледате натпреварот, не го гледате Бускетс. Го гледате Бускетс, го гледате целиот натпревар“

ФУДБАЛ

Заминувањето на Серхио Бускетс од Барселона означува крај на една ера, можеби и крај на ерата, пишува „Скај спорт“. Последниот човек од легендарниот состав на Барселона, кој го почна финалето на фудбалската Лига на шампионите во 2011 година, го одигра својот последен натпревар за клубот од „Ноу камп“. Сево ова веќе поттикна пофалби. „Тој беше најдобар. Читаше сѐ што се случува. Ги предвидуваше ситуациите“, изјави неговиот поранешен тренер Пеп Гвардиола.
Најпознатиот цитат за Бускетс останува најдобар и му се припишува на Висенте дел Боске, селекторот со кој Бускетс го освои Светското првенство во 2010 година: „Го гледате натпреварот, не го гледате Бускетс. Го гледате Бускетс, го гледате целиот натпревар“.
Неговиот тимски колега, кој стана тренер, Чави, го нарече најдобриот дефанзивен играч за врска во историјата на Шпанија, кога се обидуваше да го процени статусот на Бускетс во играта, но таа фраза се чини нецелосна, ја опишува неговата позиција, но не и неговата улога, пишува „Скај спорт“.
– Тоа не е вистинскиот начин да го опишам бидејќи, за мене, дефанзивен играч од средниот ред е главно дефанзивец. Бускетс не е тоа – изјави за „Скај спорт“ Роберт Морено, кој беше негов тренер во Барселона и во репрезентацијата на Шпанија.
Единствената причина поради која Морено, аналитичар, не го опишува како најголем на сите времиња на неговата позиција е недостигот од докази.
– Немам информации од пред 50 години. Но откако го анализирам фудбалот, тој е најдобар – вели тој.
Интерпретацијата на Бускетс за тоа што може и треба да направи играч од средниот ред на таа позиција, го преобликува тоа. Нозете на Бускетс беа на местото каде што се роди убавата игра на Барселона. Тоа беше ресетирање за фудбалот. Исто како што Јохан Кројф направи една генерација порано кога го идентификуваше Гвардиола како човек што ќе помогне во извршувањето на неговата визија, изненадувачката одлука на Гвардиола да го издигне Бускетс во првиот тим во 2008 година ја постави играта на поинаков пат.
Цезар Меноти, големиот аргентински селектор и естет, гледањето на Бускетс го спореди со гледање изумрен вид. Овој играч од средниот ред не беше атлет, но оперираше во ерата на атлетите – и некако смислуваше игра со свое темпо. Требаше да биде невозможно. Играта стана пофизичка, се играше со транзиција, но играта на Барселона со додавање му обезбеди ретко да има потреба да оди надвор од центарот.
– Не мрдна многу од центарот. Тој можеше да ги реши сите проблеми со својот мозок – изјави Гвардиола. Морено објаснува.

– Кога бев во Барселона, моја одговорност беше да ја направам анализата на противникот. Пред секој натпревар го прашував: „Буси, што мислиш?“. Знаеше сѐ за противникот. Ќе речеше: „Па, мислам дека треба да се грижиме во таа ситуација…“. Тој е неверојатен, тоа би требало да е невозможно со сиот притисок врз вас, со сите тешкотии што ги имате околу вас и размислете за тоа. Тој можеше да дојде до клупата за резерви за време на натпревар и да каже: „Тие го прават ова и ние треба да го направиме тоа за да ги спречиме“. Како, што? Бев на трибините со добар тактички поглед и тој ми објаснуваше работи што не можев да ги анализирам од таму – вели Морено.
Неговото раководење ретко беше гласно.
– Тој не држеше неверојатни говори во соблекувалната. Тоа не беше негов начин – рече Морено.
Но лидерството има многу форми. Бускетс секогаш беше достапен за соиграчите кога и каде беше важно.
– Тој е единствен случај. Тренер на теренот. Тој разбира сѐ. Тој има соиграчи што не разбираат исто како него, но со него имаш предност бидејќи тој им помага да одлучат што да прават. Тие гледаат во него и одат со него – рече тој. Н.М.