ТЕНИС – РОЛАН ГАРОС

Наградниот фонд за претстојниот Ролан Гарос е зголемен и ќе изнесува 49,6 милиони евра, што е за 12,3 отсто повеќе од лани, потврдија организаторите на вториот гранслем-турнир во сезоната. Победниците во женска и во машка конкуренција ќе добијат по 2,3 милиони евра, што значи дека фондот е зголемен за четири отсто. Минатата година шампионите добија по 2,2 милиони евра.
– Со цел порамномерно да го распределиме наградниот фонд меѓу играчите, ја зголемивме заработката за губитниците во првите три кола, кои ќе добијат од 11 до 13 отсто повеќе во однос на 2022 година, соопштија организаторите.
Годинашниов турнир во Париз ќе се одржи од 28 мај до 11 јуни, а минатата година победија Рафаел Надал од Шпанија во машка и Ига Швјонтек од Полска во женска конкуренција. Г.И.