Надал сега има 21 гранслем-титула, една повеќе од Федерер и од Ѓоковиќ, кој останува прв на АТП-листата, со рекордни 358 недели на врвот

ТЕНИС – РАФАЕЛ НАДАЛ ПО ПОБЕДАТА НА АВСТРАЛИЈА ОПЕН

Рафаел Надал (35) со триумфот на тенискиот гранслем-турнир Австралија опен стигна до рекордниот 21. голем трофеј, еден повеќе од Новак Ѓоковиќ и од Роже Федерер. Во финалето во Мелбурн, Надал го победи по неизвесен петчасовен натпревар Данил Медведев (25), со 3-2 во сетови, иако губеше со 0-2 (2-6, 6-7, 6-4, 6-4, 7-5).
– Знам дека 21 е посебна бројка, но пред сѐ сум задоволен што освоив уште една гранслем-титула во оваа фаза од кариерата. Нема да кажам дека заслужено ја освоив оваа титула, оти многумина ја заслужија. Навистина верувам во позитивниот дух, шест месеци се мачев да закрепнам од повредата. Имаше многу тешки моменти, тешки разговори, не знаев дали ќе успеам да се вратам во натпреварувачки ритам. Поентата на сето тоа е да уживате во ваквите моменти – изјави Надал.
Ѓоковиќ и понатаму е прв на АТП-листата, 83 недели во низа е пред конкуренцијата, или вкупно на врвот е рекордни 358 недели. Во женска конкуренција, најмногу недели на првото место на светската ранг-листа била Штефи Граф, со 377 недели. На АТП ранг-листата, Ѓоковиќ води со 11.015 бода, пред Медведев со 10.125 и Александар Зверев со 7.780 бода.
Во женска конкуренција, Ешли Барти, која триумфира во Мелбурн, и понатаму е прва тенисерка во светот, која на најновата ВТА-листа има 8.331 бод, втора е Арина Сабеленка со 5.698, а трета Барбара Крејчикова со 5.533 бода.


НАЈМНОГУ ГРАНСЛЕМ-ТРОФЕИ

Рафаел Надал 21
Новак Ѓоковиќ 20
Роже Федерер 20
Пит Сампрас 14