Фото: ЕПА

До крајот на ноември во продажба треба да бидат пуштени уште околу 400.000 билети, а организаторите на Игрите се надеваат дека ќе бидат продадени вкупно 10 милиони билети за ЛОИ 2024

Околу 400.000 билети за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година ќе бидат пуштени во продажба на крајот на ноември, соопштија организаторите на Игрите, кои се надеваат дека ќе бидат продадени вкупно 10 милиони билети за ЛОИ 2024, пишува агенцијата „Ројтерс“.
Досега веќе се продадени 7,2 милиони влезници, вели главниот извршен директор Мајкл Алоизио.
– Мислам дека ниту еден друг организациски комитет не продаде толку многу билети толку брзо – изјави Алоизио.
Околу 30.000 од билетите што ќе бидат достапни од 30 ноември ќе бидат за атлетските сесии, а уште 24.000 за тенис. Билетите за церемонијата на отворањето на Игрите, долга парада по реката Сена, ќе чинат од 90 до 2.700 евра.
Организаторите, исто така, продаваат 2,8 милиони билети за Параолимписките игри и рекоа дека на крајот на годината ќе дадат детали за напредокот, пишува „Ројтерс“. Г.И.