Фото: Архива

Кога нема придржување кон една долгорочна визионерска стратегија за државата или нацијата или, пак, доколку постоењето на такво нешто отсуствува и е ставено ад акта по фиоки или, пак, со умисла се игнорира, тогаш секој функционер го користи просторот да наметне некаква краткорочна квазипрограма, именувајќи ја „реформа“, која се реализира додека тој е на функција… Потоа, неговиот наследник го прекинува тоа и започнува некоја „своја програма“. Таквиот начин на однесување трае повеќе од три децении, поради што ниту една реформа вистински не заживеа и затоа државата, наместо да напредува сиве овие години, стагнира и назадува во сите области

Многу стратегиски документи за курсот на државата и нацијата останаа заборавени

Генералниот заклучок во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, објавен неодамна, е дека реформите не само што не напредуваат туку во голем дел се забележани и назадувања во реформските процеси.
Власта и опозицијата веднаш си ја префрлија вината за лошиот извештај едни на други, но впечатокот што јавноста го добива веќе три децении е дека едноставно нема политичка волја да се спроведат реформите, оти сета енергија се троши како да се освои власта и таа да се држи со мерки што се повеќе популистички, а најмалку реформски.
Причините за ваквото однесување и назадувањето на државата во сите сфери треба да се бараат во непридржувањето/игнорирањето, па и немањето долгорочни стратегии за развој во сите области што се клучни за евроинтегративниот пат на земјата, почнувајќи од стратегии за тоа како треба да течат реформите поврзани со економијата, владеењето на правото, борбата со корупцијата, како да се развиваат националното стопанство и бизнисот, монетарната (и фискалната) политика, како да се зачуваат водните и рудните богатства, а паралелно со сето тоа, како да се изготви и да се спроведе долгорочна стратегија за реформа на образованието и здравството!

Краткорочните квазипрограми не се замена за долгорочните стратегии за кои дури не сме свесни дека ги имаме

Кога нема придржување кон една долгорочна визионерска стратегија за државата или нацијата или, пак, доколку постоењето на такво нешто отсуствува и е ставено ад акта по фиоки или, пак, со умисла се игнорира, тогаш секој функционер го користи просторот да наметне некаква краткорочна квазипрограма, именувајќи ја „реформа“, која се реализира додека тој е на функција… Потоа, неговиот наследник го прекинува тоа и започнува некоја „своја програма“.
Таквиот начин на однесување трае повеќе од три децении, поради што ниту една реформа вистински не заживеа и затоа државата, наместо да напредува сиве овие години, стагнира и назадува во сите области.
Познавачите на состојбите нагласуваат дека секоја сериозна држава има изготвено долгорочни стратегии за одредени прашања што ѝ се важни и ниту една влада не отстапува од нив.

– Македонија почна со изготвување вакви стратегии некаде од 1999 година. Сите влади носеа стратегии за реформи на јавна администрација, на правосудство, за борба со корупцијата, за образованието, МАНУ донесе национална стратегија за развој на државата, но проблемот настана што никој не ги спроведуваше тие стратегии и не се придржуваше до нив – вели универзитетскиот професор во пензија Борче Давитковски.
Според него, честите рокади во ресорите не овозможуваат ниту некоја краткорочна реформа да заживее, а не, пак, некоја подолгорочна стратегија.
– Секој што ќе дојдеше на позиција наметнуваше свои проекти и замисли како нешто требало да се реформира. Па ние само за време на владеењето на СДСМ во овие седум години сменивме четири министри за образование. Каде го има тоа? За каква образовна реформа може да говориме? Па не случајно нашите деца на сите тестирања покажуваат најслаби резултати. Го уништивме образованието. Затоа беше потребна долгорочна стратегија за образованието и ниту една влада и министер да не отстапуваат од тоа – посочува Давитковски.

Професорот Самуил Малчевски го дели истиот став, дека она што е партиска програма треба да си остане програма, но дека за клучните работи сите партии кога ќе дојдат на власт, треба да прават една владина програма што ќе биде сублимат на сите добри идеи и предлози од партиските програми, а што е во функција на граѓаните, стопанството и државата. Таквата владина програма е всушност компатибилна со она што значи усвоена национална стратегија, која визионерски е сочинета од труст на мозоци, интелектуалци и патриоти, кои се одговорни пред сѐ кон граѓаните на Македонија, Уставот, законите и столбовите што се носители на државноста.
– Нам не ни требаат предизборни ветувања од партиите, туку ни треба чекор по чекор операционализирање на стратегиските документи, кои ќе ги почитуваат сите политички партии без разлика кој е на власт. Може за нешто да се разликуваат партиите меѓу себе во своите методи на операционализација или во динамиката на остварување, но клучните работи како економија, енергетика, здравство, образование, труд и социјала не смеат да се сведат на предизборни ветувања. Политичката позиција на партиите е дека безрезервно ги поддржуваат реформите и бараат решенија како побрзо и поефикасно да се спроведат, во интерес на сите нас – заклучува Малчевски.