Вулета прескокна 7,06 метри, најдолг скок на ЕП по 1998 година, три сантиметри повеќе од олимписката и светска првенка, Германката Малаику Михамбо

АТЛЕТИКА – ЕП ВО МИНХЕН

Србинката Ивана Вулета со скокот од 7,06 метри уште во првиот обид го освои златниот медал на Европското првенство (ЕП) во атлетика, кое се одржува во Минхен, Германија. Ова беше и најдолг скок на ЕП по 1998 година, послаб за четири сантиметри од нејзиниот личен рекорд, идентичен на оној од Светското првенство (СП) во сала во март годинава, кога стана светска првенка по вторпат. Таа е и трикратна европска првенка во сала (2015, 2017, 2019).
За Вулета ова е второ злато од ЕП на отворено по она од пред шест години во Амстердам, Холандија. Таа беше подобра за три сантиметри од олимписката победничка од Токио 2020, двократната светска (2019 и 2022) и европската првенка од Берлин 2018, Германката Малаику Михамбо.
– Не постоеше опција да дојдам тука и да не победам, дури и на домашен терен на Малаика. Ова беше едно од најсилните и најубави натпревари во мојата кариера. Сакам да скокам на дожд, па тоа воопшто не ми беше проблем. Годинава бев светска првенка во сала, сега и европска на отворено. Ми недостига само медал од СП во Јуџин, но таквите неуспеси само повеќе ме мотивираат – изјави Вулета.
Младиот Норвежанец Јакоб Ингебригсен (21), по триумфот на 5.000 метри, ја освои европската титула и на 1.500 метри, со рекордно време на шампионатите, 3:32,76 минути. Ингебригсен го повтори подвигот од минатото ЕП 2018 во Берлин, кога како 17-годишник ги освои златните медали во овие дисциплини.
– Многу ми е драго што успеав повторно да победам на двете трки, а рекордот на шампионатите е убав бонус. Почувствував дека имам брзина во нозете, сакав брза трка и сакав да победам. Норвешките знамиња на трибините беа голема мотивација за мене, а поради дождот се чувствував речиси како дома – изјави Ингебригсен, кој стана светски првак на 5.000 метри на СП во Јуџин, а на 1.500 метри беше втор. Л.Д.