Фото: ЕПА

Корисниците на апликациите или на интернет-страниците ќе можат да ги гледаат главните моменти од турнирот со аудиокоментари и текст што се произведени од вештачка интелигенција

ТЕНИС

Организаторите на претстојниот тениски гранслем-турнир Вимблдон објавија дека турнирот ќе стане најновиот спортски настан што ќе користи вештачка интелигенција (ВИ), откако ќе ја користи технологијата за да помогне во продукцијата на коментари за пакетите со најинтересните моменти од мечевите, пишува британскиот дневен весник „Индепендент“.
Почнувајќи од годинашното првенство (турнирот почнува на 3 јули), корисниците на апликациите или на интернет-страниците ќе можат да ги гледаат главните моменти од турнирот со аудиокоментари и текст што се произведени од вештачка интелигенција.
Работејќи со компанијата ИБМ, коментарот од вештачката интелигенција уште нема да го замени човечкиот коментар, туку, наместо тоа, ќе се користи на апликацијата за мечевите што се без коментар и за натпревари што не се достапни на терените, пишува „Индепендент“.

Ова не е првпат Вимблдон да ја користи технологијата, откако нивните статистики и рангирање веќе се произведени со помош на вештачка интелигенција. Сепак, тоа ќе означи значаен чекор напред во употребата на таква технологија на турнирот.
Вимблдон и ИБМ ќе воведат и нова функција, која ќе користи машинска технологија за да утврди колку може да биде поволна патеката на играчот до финалето врз основа на нивниот пласман и ждрепката за турнирот, пишува „Индепендент“. ИБМ соработува со Мастерс, едно од најголемите првенства за голф, а во април продуцираше коментари со вештачка интелигенција за најзначајните моменти на турнирот.
– Сметам дека вештачката интелигенција многу го дополнува човечкиот елемент, наместо да го заменува. Во иднина можете да го тренирате во различни стилови и тоа отвора други можности, околу различни јазици, различни гласови. Ова е чекор на тоа патување – рече Кевин Фарар, водачот на ИБМ спортско партнерство, пренесе „Индепендент“.
Покрај користењето компјутерски генерирани коментари, сега постои обновена неизвесност околу иднината на линиските судии на теренот, со можна замена со електронски системи за одлуки, кои ќе бидат широкоприфатени на АТП-турнирите до 2025 година.
Вимблдон потврди дека линиските судии ќе останат на теренот за турнирот годинава. САД опен и Австралија опен, два од другите тениски гранслем-турнири, веќе користат технологијата за линиски одлуки на своите турнири. Н.М.