ШАХ

Во училиштето „Јахја Кемал“, денеска и утре, ќе се одржи годинашново Отворено поединечно првенство на Скопје за млади, за возрасните категории до осум, 10, 12 и до 14 години во седум кола. Во првиот натпреварувачки ден, со почеток во 10 часот, ќе се играат четири кола, а во вториот три кола со темпо на размислување од двапати по 30 минути, плус 30 секунди по секој одигран потег. На ден пред почетокот беа пријавени вкупно 166 учесници (до осум години 54 од кои 19 се шахистки, до 10 години 41 од кои девет се шахистки, до 12 години 38 од кои четири се шахистки и до 14 години 33 од кои три се шахистки). Во категориите до осум и до 10 години ќе има одвоени победници во машка и во женска конкуренција. Директор на турнирот е Ѓорѓи Миновски, а судија интернационалецот Сашко Лакински.
– На првенството се очекува да настапат над 150 деца, но тој број може да биде и поголем до почетокот на првото коло. За најдобрите се обезбедени пехари, медали, а стоковни награди за сите учесници. Направен е разговор со Град Скопје, односно доставен е предлог, прваците по групи да земаат стипендија од Градот за следната година – ни рече Миновски. Г.И.