Николовски и Стошевски со потпишаниот меморандум

ШАХ

Поаѓајќи од заедничкиот постулат на кој се темели основата на постоењето и имплементирањето на шаховската игра меѓу младите категории шахисти, претседателството на ШК на ветераните Скопје 72 и УО на ШК Гази Баба 1976 од Скопје потпишаа меморандум за соработка. Основни постулати на кои се базира нивната соработка се: почитувањето и примената на мотото „Генс уна сумус“ (сите сме еден род). Потписниците на меморандумот се обврзуваат во своите годишни програми да ги внесат и активностите со кои ќе се имплементира шаховската игра, и тоа со меѓусебни екипни и поединечни натпревари на членовите на ШК Гази Баба 1976 од најмлади до категоријата 18 години со ветераните од ШКВ Скопје72, едукативни шаховски предавања, размена на искуства и слично. Ангажирање на шаховските ветерани како тренери на младите шахисти, а активности ќе се усогласуваат со годишните програми на клубовите – се наведува во меморандумот, кој го потпишаа претседателот на ШКВ Скопје 72, Илија Стошевски, и претседателот на ШК Гази Баба, Јовица Николовски.
– Покрај меморандумот со националната спортска федерација на слепи, почувствувавме дека треба поактивно да се вклучиме и да им помогнеме на едукаторите учители во школите, кои најмалите шахисти ги воведуваат во тајните на шаховската игра. Колку убаво звучи секое дете да научи шах, но тоа е макотрпен пат, кој првенствено бара системска поставеност од сите аспекти, почнувајќи од организациско-технички и секако финансиски аспект. Ова е камен-темелник, кој треба да го постави идното министерство за спорт, кое се најавува. Дотогаш ќе му помагаме и на професорот Јовица Николовски во сѐ што ќе има потреба. Шахот во Македонија има длабоки корени и сигурен сум дека ќе никнат нови таленти што ќе ја претставуваат Mакедонија на светската шаховска сцена – вели претседателот на ШКВ Скопје 72, Илија Стошевски. Г.И.