Македонскиот јазик е истовремено и мал и голем јазик

Во современиот македонски јазик гледаме спој на словенска лексика со еден несловенски граматички систем, како одраз на допирот меѓу словенскиот и несловенскиот свет што се случува тука, што го прави македонскиот јазик најнетипичниот и – за мене – најинтересниот претставник на словенските јазици

Наша обврска е секоја година да им оддаваме почит на светите браќа Кирил и Методиј, како татковци на словенската писменост во светот. Придобивките од Мисијата на светите браќа за целиот словенски свет се повеќе од јасни, но колку извонредно важна била нивната мисија говори и фактот што тие од пред повеќе од 40 години се прогласени за патрони на Европа, признание дадено од Ватикан, како симболи на основните европски цивилизациски вредности, како што се образованието и дијалогот меѓу различните вери, култури и нации.
Континуитетот во развојот на македонскиот јазик, како признаен член на светското јазично семејство, на чие истражување работат не само македонските туку и голем број познати странски научници, го следиме уште од X-XI век, кога во црковнословенските ракописи се појавуваат првите типично македонски црти, а понатаму и зборови. Тој развој продолжува низ вековите, со засилено навлегување на македонскиот народен јазик во ракописите од крајот на XVI век. Во XIX век веќе се појавува и јасната свест за посебноста на македонскиот јазик и за неговото место меѓу словенските јазици и јазиците на светот, свест што најмногу доаѓа до израз во делото „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков, кое годинава одбележува 121 години од објавувањето во 1903 г. Сето тоа кулминира со прогласувањето на македонскиот јазик за службен јазик во нашата држава на Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 г., и со конечната кодификација на македонскиот стандарден јазик во 1945 г., со усвојувањето на македонската азбука и правопис, а потоа и со основоположничките дела на великанот на македонскиот јазик Блаже Конески – Граматиката, Речникот и Историјата на македонскиот јазик.
Каде е денес македонскиот јазик во семејството на словенските јазици и каде е тој наспрема старословенскиот јазик кодифициран од светите браќа Кирил и Методиј? Како и сите други словенски јазици, и македонскиот тргнал по свој сопствен развоен пат. Се модернизирал исто како што се модернизирале и другите современи европски јазици наспрема нивните претходници.

Новите, модерни јазици морале да одговорат на новото преродбеничко време, па не можеле паралелно да држат во употреба и сложен именски систем и сложен глаголски систем, какви што биле во дотогашните литературни јазици: латинскиот, старогрчкиот, црковнословенскиот – нешто морало да се упрости. А старословенскиот јазик имал многу сложен граматички систем: кај именските зборови имал седум падежи и 11 деклинации, а кај глаголите: девет глаголски времиња, наспрема латинскиот на пример со 6 падежи, 5 деклинации и 6 глаголски времиња.
Токму во тој поглед се случила големата структурна разлика меѓу македонскиот јазик од една страна наспрема другите словенски јазици од друга. Најголемиот дел словенски јазици го упростиле глаголскиот систем, па некои од нив денес користат сè на сè три глаголски времиња: сегашно, минато и идно, но затоа пак во именскиот систем ги задржале падежите и деклинациите. А македонскиот јазик го упростил именскиот систем – падежи немаме, но затоа во глаголскиот систем не само што ги задржал старите словенски времиња туку и го надградил со нови времиња, па сега во македонскиот јазик има 8 глаголски времиња од словенско потекло и уште двапати по толку од несловенско потекло, значи вкупно, ако сакаме, можеме на македонски јазик да се изразиме со 24 глаголски времиња.

Во таа смисла, во современиот македонски јазик гледаме спој на словенска лексика со еден несловенски граматички систем, како одраз на допирот меѓу словенскиот и несловенскиот свет што се случува тука, што го прави македонскиот јазик најнетипичниот и – за мене – најинтересниот претставник на словенските јазици.
Македонскиот јазик е истовремено и мал и голем јазик – мал е зашто го зборуваат мал број луѓе, а голем е зашто на него се напишани илјадници наслови уметничка литература, прекрасна поезија, но и врвни научни дела.
Денес сме свртени кон европската иднина на нашата земја, а со тоа и на македонскиот јазик како рамноправен член на европското семејство јазици. За рамноправноста на јазиците впрочем зборувал и Св. Кирил пред точно илјада сто и шеесет и една година, кога ги изговорил зборовите актуелни и денес:
Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така еднакво за сите? Зарем не дишеме воздух сите еднакво?

Искра Пановска -Димкова

(Авторката е раководителка на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ)