Фото: Архива „Нова Македонија“

Овој иновативен конгрес, кој е од големо значење во светот, ќе обезбеди единствена платформа за истражување нови перспективи и парадигми на пресекот меѓу шахот, образованието и здравјето

Менорка (Шпанија) се подготвува во март да ги пречека водечките меѓународни експерти од областа на шахот, образованието и здравјето на вториот Меѓународен конгрес за шах, образование и здравје. Конгресот е дел од прославите на 100 години постоење на Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
Овој иновативен конгрес, кој е од големо значење во светот, ќе обезбеди единствена платформа за истражување нови перспективи и парадигми на пресекот меѓу шахот, образованието и здравјето, пишува ФИДЕ на својата интернет-страница. Интегрирањето на овие три полиња ќе генерира интердисциплинарен дијалог, кој ќе промовира развој на похолистички и ефективни пристапи за справување со сегашните и идни предизвици во образованието и во здравството, пишува ФИДЕ.
Еден од најважните моменти на конгресот ќе биде презентација на искуства и студии спроведени и потврдени во различни делови на светот, со што ќе се понуди глобален поглед на можностите и придобивките што шахот може да ги донесе во образованието и во здравјето.
– Овој конгрес е единствена можност да се размислува за улогата на шахот како едукативна и терапевтска алатка, како и да се истражат нови начини за интегрирање на оваа дисциплина во образовните и здравствените системи. Се надеваме дека овој настан ќе ги инспирира и мотивира учесниците да усвојат иновативни и пристапи базирани на докази за подобрување на квалитетот на животот на луѓето низ светот – вели Пеп Суарез, директор на Конгресот.
Вториот меѓународен конгрес за шах, образование и здравје ќе се одржи во Менорка. Во текот на три дена, присутните ќе имаат можност да учествуваат на предавања, тркалезни маси, практични работилници и активности за вмрежување, а во кои ќе учествуваат водечки меѓународни експерти и професионалци, пишува ФИДЕ. Г.И.