ГЛОБАЛНА ШАХОВСКА ЛИГА
Тривени континентал кингс триумфира во Глобалната шаховска лига, победувајќи во двата финални дуела со ПБГ Аласкан најтс со по 3,5-2,5, со што ја задржа титула и ја освои паричната награда од половина милион долари. Поранешната светска шампионка Александра Костењук (Швајцарија) беше прогласена за играч на финалето. За победничкиот тим настапија Костењук, Алиреза Фирузја (Франција), Веи Ји (Кина), Тимур Раџабов (Азербејџан), Валентина Гунина (Русија) и Јавор Синдаров (Узбекистан), предводени од капитенот Лук ван Вели (Холандија). За вториот финалист играа Аниш Гири (Холандија), Нодирбек Абдусаторов (Узбекистан), Тан Жонгји (Кина), Алина Кашлинскаја (Русија/Полска) и Сарин Нихал (Индија).
– Неверојатно колку шахот може да биде возбудлив. Многу сум среќен што сум дел од овој неверојатен настан и шоу – рече првата табла на победничката екипа, Фирузја, кој беше прогласен за играч на целата лига.
Табела, регуларен дел по 10 кола: ПБГ Аласкан најтс 24 бода, Тривени континентал кингс 18, Алпајн СГ пајперс 18, Американ гамбитс 12, Мумба мастерс осум, Ганџис Гангмастерс девет. Глобалната шаховска лига се одржа во Лондон, со темпо на игра од 20 минути по играч без дополнителен тајминг. Учествуваа шест тима, кои се состоеја од по една легенда, по две ѕвезди мажи и жени и еден вундеркинд. За тимовите настапуваа силни шахисти, како на пример Магнус Карлсен (Алпајн СГ пајперс), Вишванатан Ананд (Ганџис Гангмастерс), Хикару Накамура (Американ Гамбитс), Алиреза Фирузја (Тривени континентал кингс), Максим Вашер-Леграв (Мумба Мастерс) и Аниш Гири (ПБГ Аласкан кнајтс), поддржани од играчи како Прагнананда, Ајрун Еригаиси, Ричард Рапорт, Јан-Кшиштоф Дуда, Александар Гришчук, Јифан Хоу… Лигата беше единствен настан од ваков вид што се пренесуваше во живо на телевизија и која понуди уникатно искуство за гледање. Г.И.