Фото: „Нова Македонија“

ШАХ

Третото коло на Светското првенство (СП) во шах за млади (до 12, 14, 16 и до 18 години, момчиња и девојчиња) во Монтенсилвано (Италија) беше досега најуспешно за петтемина македонски претставници. Освоени се вкупно три поени, од кои по две победи и ремија и еден пораз, за разлика од второто коло, во кое беше освоен само еден поен, и тоа од Даниел Стефаноски (1.860 рејтинг-поени), во категоријата до 14 години (на дуелот со Ноах Рат Вестербаек од Австрија, рејтинг 1.553).

Во третото коло цел поен, и тоа прв, освоија Никола Павлески (1.971), со црни фигури против Андреа Менгози (1.732) од Италија, во категоријата до 18 години, и Кристијан Кавазов (1.871) со црни фигури против Франческо Росано (1.624) од Италија, до 16 години. Половина поен впишаа Стефаноски со бели фигури против силниот Леонардо Тона (2.158) од Италија и ЖФМ Моника Жежовска (1.978) со бели фигури против Мира Безница (1.816) од Унгарија, до 18 години. Во ова коло загуби со црни фигури Наде Смилевска од Рагхад Алаа Елдин (1.870) од Египет во категоријата до 16 години.

На СП 2026, на кое играат 758 шахисти (два ВМ, 22 ИМ, 14 ЖИМ, 103 ФМ, 61 ЖФМ) од 83 шаховски федерации, засега најдобропласирана од македонските претставници е Жежовска на 51. место со 1,5 поен, колку што има и Стефаноски на 77-то. По еден поен имаат Смилевска (76-та), Павлески (93-ти) и Кавазов (116-ти). Македонските претставници на ова СП ги предводи искусниот велемајстор (ВМ) Звонко Станојоски. Г.И.