ПО ЗАВРШЕНИОТ ЕВРОПСКИ ЈУНИОРСКИ КУП ВО ЏУДО „СКОПЈЕ 2026“, НОВА СПОРТСКА ПРИКАЗНА
- Македонските репрезентативци исто така ќе имаат голема корист од овој џудо-камп, бидејќи имаат можност да разменат искуства со многу квалитетни џудисти од Европа, вели спортскиот директор на ЏФМ, Дејан Мицкоски
По успешно завршениот европски јуниорски куп во џудо „Скопје 2026“, кој изминатиот викенд по четврти пат се одржа во Македонија, во следните три дена (10, 11 и 12 август), во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, се одржува уште една одлична спортска џудо-приказна, а тоа е меѓународниот тренинг-камп, кој ќе заврши денеска. Како што информира Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), на него учествуваат 170 џудисти од 17 земји, што е голема бројка.
– Овој тренинг-камп е одлична можност за размена на искуства, нови пријателства и, пред сѐ, заеднички напредок на младите џудисти. Тренираме заедно. Растеме заедно. Победуваме заедно! – не го кријат своето задоволството во ЏФМ.
На тренинг-кампот учествуваат млади џудисти од следниве национални џудо-федерации: Македонија, Белгија, Кипар, Молдавија, Грција, Азербејџан, Црна Гора, Норвешка, Словачка, Белорусија, Романија, Албанија, Малта, Сан Марино, Хрватска, Бугарија и Косово.
– На тренинг-кампот присуствуваат голем број квалитетни џудисти што останаа во Скопје, со цел да остварат што поголем број борби со врсниците од повеќе држави и со тоа да ја темпираат формата за претстојните џудо-настани годинава. Македонските репрезентативци исто така ќе имаат голема корист од овој џудо-камп, бидејќи имаат можност да разменат искуства со многу квалитетни џудисти од Европа. Секако и џудо-експертот на Интернационалната џудо-федерација (ИЏФ), Дани Георге од Романија, е присутен и ги скенира состојбата и подготвеноста на нашите џудисти, по што ќе го изготви планот за понатамошно ангажирање кај нас, што ќе биде од голема корист за понатамошен развој на македонското џудо – ни изјави спортскиот директор на ЏФМ, Дејан Мицкоски.
Да потсетиме дека годинашниот европски јуниорски куп во џудо „Скопје 2026“, претставуваше голем европски спортски настан, кој по четврти пат во низа се одржа кај нас и кој ги обедини на едно место најдобрите млади џудисти од Европа. На одлично организираниот куп, во мошне силна конкуренција беа видени врвни борби, проткаени со силен натпреварувачки дух и незаборавни моменти, кои секако ќе останат во долго сеќавање на сите учесници. Г.И.
































