Двајцата освоија бронзени медали на годинашното младинско ЕП, претходно сребрени лани на младинското СП, а Трајковски во јануари годинава во Атина се закити со бронза и на силниот сениорски турнир од Серија А

КАРАТЕ – ЕП ЗА КАДЕТИ И ЗА ЈУНИОРИ ВО ЛАРНАКА

Македонските карате-репрезентативци во борби Витомир Трајковски и Стефан Стојановиќ, членови на КК Макпетрол, постигнаа голем успех на Европското првенство (ЕП) за кадети, јуниори и за постари јуниори (до 21 година) во борби и кати, со освојувањето бронзени медали викендов во кипарскиот град Ларнака во конкуренција на 1.136 каратисти/ки од 41 држава.
Со овој нов успех продолжи традицијата на освојување медали од големите карате-натпреварувања. Двајцата освоија сребрени медали минатата година на Светското првенство (СП) за кадети, јуниори и за постари јуниори (до 21 година) во Коња (Турција), а Трајковски во јануари годинава во Атина (Грција) се закити со бронза на силниот сениорски карате-турнир од Серија А.
Трајковски (категорија до 84 кг, постари јуниори) дојде до европската бронза откако во првото коло го победи Италијанецот Матео Фиоре (2-1), во второто Португалецот Жосе Миранда (4-3) и во третото Хрватот Александар Калабиќ (4-1). Во полуфиналето загуби од Украинецот Максим Бухајов (1-2), а за третото место го победи Белгиецот Данил Анисимов (4-4), благодарение на прв освоен поен.

Во истата возрасна категорија, Стојановиќ (категорија над 84 кг), во почетокот го елиминира Грузиецот Мераби Гелашвили (2-0), потоа Ирецот Ли Шеридан (2-0), па Чехот Ондреј Босак (4-3). Во полуфиналето минимално беше поразен од Италијанецот Матео Аванзини (4-5), а бронзата беше освоена по убедливата победа над Словакот Малик Багаев (4-0).
Блиску до медал на ова ЕП беше и Викторија Јовановска (до 61 кг, КК Макпетрол), која го освои петтото место. Таа во возрасната категорија постари јуниорки (до 21 година), во борби, по трите победи и еден пораз, во борбата за бронзата загуби од претставничката на БиХ, Мартина Куртеш, благодарение на прв освоен поен, иако крајниот резултат беше 3-3.
Македонија на ова ЕП во борби и кати ја презентираа вкупно 36 каратисти, предводени од селекторот на кадетите Дејан Ристески, на јуниорите Берат Јакупи, на постарите јуниори Мартин Несторовски, каташите кадети Неџби Дервиши и каташите постари јуниори Фери Исиќ.
На претходното ЕП, во 2022 година, во Прага (Чешка), бронзен медал освои јуниорот Љупчо Михајлов (до 68 кг), предводен од селекторот Александар Кузмановски. Г.И.