Паскоски, Богдановска и Блажеска на Континенталниот куп во Тунис

По пауза од шест години, ова е првиот и долгоочекуван медал за Македонија од еден континентален куп, вели селекторот на кадетската репрезентација на Македонија, Игор Паскоски

ЏУДО – КОНТИНЕНТАЛЕН КУП ЗА КАДЕТИ ВО ТУНИС

Македонската кадетска џудо-репрезентативка и членка на скопскиот клуб Миоки, Ива Богдановска, во тежинската категорија до 63 кг, постигна голем успех на Континенталниот куп во Тунис, освојувајќи ги второто место и сребрениот медал.
Под водство на тренерот на Миоки и селектор на кадетската репрезентација на Македонија, Игор Паскоски, Богдановска стигна до медалот на овој Куп забележувајќи три победи и еден пораз. Втората македонска претставничка, која е, исто така, одлична џудистка на клубот Миоки, Георгина Блажеска (до 48 кг), во првиот круг во неизвесна борба загуби на казнени поени во последните секунди, а потоа загуби во втората борба.
– По пауза од шест години ова е првиот и долгоочекуван медал за Македонија од еден Континентален куп. Претходниот медал за Македонија од вакво натпреварување беше освоен во 2018 година. Очекувам поголема поддршка од релевантните фактори, а со тоа и уште подобри резултати од македонските репрезентативци во иднина – ни изјави тренерот Паскоски.
На ова натпреварување настапија вкупно 76 џудисти и 46 џудистки од седум држави (Македонија, Алжир, Хонгхонг, Мароко, Саудиска Арабија и Тунис) од три континенти. Најуспешен е Алжир со по 10 златни и бронзени и шест сребрени медали, втор е Тунис со четири злата, пет сребра и 10 бронзи, а трет е Мароко со едно злато, три сребра и две бронзи. Г.И.