Хашките случаи во фокусот

„Нова Македонија“ веќе подолг период ги третира на своите страници хашките случаи, не дозволувајќи да застарат или да се заборават. Токму писмото на Дуња Мијатовиќ е најдобра потврда за исправноста на нашата одлука да го следиме развојот на настаните. Изминативе денови се обративме до сите релевантни политички фактори во државава, до сите државни институции, до сите политички партии, техничката влада, како и до претседателот на државата. Во очекување на нивните одговори, денеска ги објавуваме ставовите на Џевдет Хајредини и на Мирјана Најчевска, како и на Билјана Ванковска, која единствена досега официјално ја потврди својата кандидатура за претседател на државата. Ги објавуваме и одговорите на партиите Демократски сојуз и Левица, а како што ќе ги добиваме другите одговори така ќе ги објавуваме во наредните денови

Институциите имаат обврска да ги истражат воените злосторства над цивилно население

Без оглед на актуелните политички состојби, интереси, предизвици…, кои се наведуваат како „инвестиција за иднината“, спроведувањето правда за злосторства врз невини цивили сторени во оружен конфликт претставува цивилизациска одговорност на секоја држава и на нејзините институции. Без институционален и политички капацитет да се постигне правда за жртвите, секоја непринципиелна „инвестиција во иднината“ со заборав за сторените злосторства е пропадната и не носи ниту мир ниту социјална кохезија

Правда за жртвите на злосторствата што никогаш не застаруваат

Потиснатата совест на македонското општество, особено на политичката елита, институции и правосудството за „правното запретување“ на четирите т.н. хашки случаи за воени злосторства против цивили од оружениот конфликт во 2001 година, во Македонија, е испровоцирана на будење од писмото до македонската влада на комесарката за човекови права при Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, која препорачува „да се преземат конкретни чекори за справување со насилното минато и поодлучно движење кон социјална кохезија, правда и помирување“. Писмото испратено во средината на јануари, годинава, пред крајот на мандатот на премиерот на политичката влада на Македонија, Димитар Ковачевски (пред да настапи законскиот предизборен рок на актуелната преодна техничка влада), всушност е своевиден консеквентен чекор на извештајот на комесарката за човекови права, Мијатовиќ, за „Справување со минатото за подобра иднина: Постигнување правда, мир и социјална кохезија во регионот на поранешна Југославија“.
– Комесарката на Советот на Европа за човекови права, Дуња Мијатовиќ, со 12 години задоцнување, се сети дека без цврсто осудување на злосторствата од минатото не може да се гради мирно демократско општество – реагираше на социјалните мрежи Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии во првата политичка македонска влада од независноста.
Реакцијата на Хајредини делумно е со тон на критика и до самиот Совет на Европа, бидејќи извештајот и писмата до премиерите на земјите од поранешна Југославија, на комесарката Мијатовиќ, за „справување со минатото за подобра иднина“, всушност доаѓа на крајот од нејзиниот мандат. Шестгодишниот мандат на Дуња Мијатовиќ, како комесарка за човекови права, завршува на 31 март годинава, која на оваа позиција во Советот на Европа ќе биде наследена од Ирецот Мајкл О’Флаерти.
Но, во секој случај, извештајот и писмата до актуелните влади на земјите од поранешна Југославија, со потсетување за „незаборав и справување со минатото“, се јасен сигнал на Советот на Европа дека не смее да се дозволи воените злосторства против човештвото да останат неказнети, без оглед на „интересот во име на иднината“.

– Актуелниот премиер на Македонија е човек осомничен за воени злосторства, кој беше амнестиран од страна на ДПМНЕ. Време е да ги отвориме Хашките случаи. Злосторствата против човештвото не застаруваат – порачува на социјалните мрежи, универзитетската професорка Мирјана Најчевска, потсетувајќи на улогата во конфликтот од 2001 година на актуелниот технички премиер Талат Џафери.
Четирите т.н. хашки случаи, всушност се судските досиеја за злосторства против цивили во Македонија, во оружениот конфликт од 2001 година, кои Трибуналот во Хаг за воени злосторства од војните во поранешна Југославија, поради презафатеност, во 2008 година ги врати да бидат судски процесирани во системот на македонското правосудство. Но поради одредени политички „конјуктурни состојби“, овие судски случаи: командната одговорност на ОНА, затворањето на Липковската брана, киднапирањето цивили од Кичевско-тетовскиот Регион и малтретирањето на мавровските работници – беа затворени мошне правно контроверзно, без судски процеси. Начинот на кој тоа беше сторено сѐ уште претставува правен преседан, кој и правниците и политичарите во Македонија, сиве овие години од носењето на таквото решение, избегнуваат да го коментираат. Тоа беше сторено преку Законот за амнестија, кој беше донесен во 2002 година, но негово со „автентично толкување“ во 2011 година, тој ги опфати и овие хашки случаи, со што се обезбеди амнестија за одговорните. Правното активирање на „автентичното толкување“ значеше дека се запираат кривичните постапки и целосно се ослободуваат од казна затвор осомничените за дела поврзани со конфликтот во 2001 година.

На тој начин, злосторствата против човештвото извршени врз македонските граѓани во 2001 година, практично со политичка интервенција во правото, беа ставени „под тепих“, а особено цинично и контроверзно во Македонија се создадоа услови за политички подем и стекнување особена моќ за влијание врз политичките процеси во земјава на некои од главните осомничени и обвинети за извршување и одговорност за злосторствата што никогаш не застаруваат. Исто така, оттогаш, хашките случаи во македонската јавност се споменуваат речиси инцидентно, со префрлување на одговорноста која институција треба да го спроведе нивното активирање во правосудниот систем.
Без оглед на актуелните политички состојби, интереси, предизвици…, кои се наведуваат како „инвестиција за иднината“, спроведувањето правда за злосторства врз невини цивили сторени во оружен конфликт, претставува цивилизациска одговорност на секоја држава и на нејзините институции. Без институционален и политички капацитет да се постигне правда за жртвите, секоја непринципиелна „инвестиција во иднината“ со заборав за сторените злосторства е пропадната и не носи ниту мир ниту социјална кохезија.


Билјана Ванковска: Само „Нова Македонија“ ја проби громогласната тишина на македонската јавност за писмото на Дуња Мијатовиќ

Дали ја забележавте ГРОМОГЛАСНАТА тишина по веста за писмото на комесарката за човекови права на Советот на Европа?! „Нова Македонија“ го стави на насловна страница, кај другите мина речиси како да не постои. Се чудите што Дрин добил пет од шест гранта за иновации, ама не се чудите што Али и преостанатите се опфатени не само со амнестија туку и амнезија. Никој не сака да „бранува“ – освен Левица!


Демократски сојуз: Собранието на Македонија да го суспендира автентичното толкување со кое Законот за амнестија ги опфати и овие четири хашки предмети

По објавувањето на постоењето на писмото до македонската влада на комесарката за човекови права, Дуња Мијатовиќ, во кое се препорачува и укинување на автентичното толкување на Законот за амнестија, реагираше со соопштение партијата Демократски сојуз.
– Наместо Владата да го сокрива барањето од Советот на Европа за расчистување на хашките предмети: „Водство на ОНА“, „Липковско Езеро“, „Гробница Непроштено“ и „Мавровски работници“, да предложи Собранието на Македонија да го суспендира автентичното толкување со кое Законот за амнестија (од 2002 година) ги опфати и овие четири хашки предмети – порача претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов.
– Во согласност со женевските конвенции, воените злосторства над цивилно население не застаруваат, затоа Собранието има обврска да создаде правни претпоставки за да се истражат овие тешки кривични дела против цивили и да се утврди одговорноста на сите вклучени во извршувањето на овие злосторства. Почитувајќи го начелотo на презумција на невиност, сите мора да се соочат со правдата и да понесат одговoрност. Судот мора да донесе одлука да ги отстрани од вршење јавни функции сите за кои има основани сомненија дека се актери на овие злосторства – бара Трајанов.
– Целосно го поддржуваме ставот на Советот на Европа: Без цврсто осудување на злосторствата од минатото не може да се гради мирно демократско општество – се заклучува во партиското соопштение.


Левица: Судското процесирање на хашките случаи услов за формирање на постизборната влада

Во контекст на одговорноста на политичките субјекти во Македонија за судско процесирање на случаите на злосторства против човештвото, партијата Левица во својата реакција за препораките на комесарката за човекови права при Советот на Европа наведува дека „една од главните заложби на Левица во предизборната програма е поништување на автентичното толкување од 2011 година на Законот за амнестија од 2002 година“. А судското процесирање на т.н. хашки случаи, оваа партија ќе го постави како услов за формирање влада, по парламентарните избори во мај.
Притоа се додава дека со дописот од 15 јануари 2024 година до македонската влада, испратен од комесарката за човекови права при Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, се потенцира дека без цврсто осудување на злосторствата од минатото не може да се гради мирно демократско општество! Гонењето на сторителите на овие грозоморни кривични дела претставува и обврска на Македонија како членка на Обединетите нации, која произлегува од Универзалната декларација за човековите права на ОН од 1948 година, Женевската конвенција од 1949 година, Повелбата за Нирнбершкиот суд и други меѓународни документи, се вели во реакцијата на Левица.
Притоа се додава дека независно од амнестијата на злосторствата на ДУИ, обвинителството и судовите во Македонија не само што не се спречени туку имаат и одговорност да ги процесираат хашките случаи, бидејќи меѓународното право и меѓународните акти ратификувани од Република Македонија без исклучок НЕ ДОЗВОЛУВААТ АМНЕСТИЈА за воени злосторства против цивилно население. Во согласност со меѓународните перемпторни норми и Конвенцијата на ОН за незастарливост на воените злосторства и злосторства против човештвото, кон која Македонија има пристапено во 1994 година, ваквите злосторства сторени од УЧК не застаруваат и по изборите нивното процесирање Левица ќе го наметне како услов за формирање влада! – наведуваат од Левица, потсетувајќи дека засегнати во овие случаи се и сегашниот техничкиот премиер Талат Џафери, лидерот на ДУИ, Али АХМЕТИ, како и многу други поранешни функционери.


Претседателот на здружението „Надеж“ ја споделува надежта со преостанатите семејства на исчезнатите од 2001 година дека ќе ги пронајдат своите

Бранимир Јакимовски: Секој ден, 23 години,
легнувам и станувам со надеж дека ќе го најдат татко ми жив

Бранимир Јакимовски, претседател на здружението „Надеж“, наспроти сѐ, иако е свесен за немилосрдноста на „доказите“ од изминатото време, верува дека постои надеж. Истовремено, кај Јакимовски по сите досегашни лажни надежи за правда и вистина за исчезнатите, се враќа искра надеж дека конечно вистината ќе излезе на виделина, а наместо досегашната разочараност и резервираност од домашните институции, се раѓа нова верба во однос на препораката од комесарката за човекови права при Советот на Европа, за процесирање на хашките случаи во македонското правосудство

Еден од т.н. хашки случаи е наречен „Непроштено“, според местото каде што беше пронајдена гробница, наводно со останки на четворица од дванаесеттемина исчезнати и киднапирани од Тетовско-кичевскиот Регион, во конфликтната 2001 година. Во сите изминати 23 години, семејствата на исчезнатите и киднапираните не се откажуваат од надежта дека ќе ја дознаат вистината за нивните најблиски што се исчезнати, како што се кажува „без трага и доказ“. Бранимир Јакимовски е претседател на здружението „Надеж“, кој 23 години ја споделува надежта со преостанатите семејства дека ќе ги пронајдат своите „исчезнати“, иако се свесни за немилосрдноста на „доказите“ од изминатото време.
– Секој ден, веќе 23 години, легнувам и станувам со надеж дека ќе го најдат татко ми жив. Од 2001 година тој се води како „исчезнат“ или „киднапиран“, тогаш на 60-годишна возраст. Во овие изминати години, јас лично, но и сите роднини на дванаесеттемина исчезнати минавме низ многу искушенија, неправди, барање на вистината, борба со лажните надежи и ветувања што ни се даваа, до незаинтересираноста и неинформираноста на надлежните институции да ги пронајдат нашите блиски, што во еден миг ги снема. Последен пат, пред една година, бевме на состанок со јавниот обвинител Јовевски, да се информираме за некаков евентуален напредок во истрагата, но добив впечаток дека воопшто и не беше запознаен ниту заинтересиран за случајот. Имам поминато многу обуки и конференции преку Меѓународната комисија за киднапирани и исчезнати лица од поранешна Југославија, со надеж дека со поддршка и знаење на меѓународни институции ќе дојдам со сознанија со кои ќе го пронајдам татко ми, но и другите единаесетмина исчезнати. Се обидувавме и преку Хелсиншкиот комитет, дававме и ДНК за аутопсија на останките од пронајдената гробница во Непроштено… Не можам да набројам што сѐ низ овие 23 години сум поминал за да го пронајдам татко ми. Со години, никој од надлежните институции не нѐ ни прашува дали имаме некои нови информации, а не пак да се заинтересира да ја интензивира истрагата. Како никому да не му е во (политички) интерес да се дознае вистината и да ги пронајдеме (дури и ако се останки) нашите исчезнати од 2001 година – вели Бранимир Јакимовски.
По сите досегашни лажни надежи за правда и вистина за исчезнатите, кај Јакимовски се враќа искра надеж дека конечно вистината ќе излезе на виделина, а наместо досегашната разочараност и резервираност од домашните институции, се раѓа нова верба во однос на препораката од комесарката за човекови права при Советот на Европа за процесирање на хашките случаи во македонското правосудство.
– Досега сме имале многу разочарувања, па со внимателност реагираме на секоја информација што се однесува на процесирање на хашките случаи, во кои се вклучени и случаите со нашите исчезнати блиски роднини. Многупати нашите надежи биле политички изманипулирани, па имаме резерви во довербата. Дури и судски да се активираат случаите, достигнувањето на правдата многу зависи од тоа како ќе биде поставено обвинението – вели Бранимир Јакимовски, претседател на здружението „Надеж“, во име на семејствата на дванаесеттемина исчезнати во 2001 година. Ј.П.