Самото тоа што освоивме медал на ова БП претставува силен успех за нас, знаејќи дека учествуваа 22 држави, членки на Балканската атлетска федерација, вели генералниот секретар на АФМ, Дејан Ангеловски. Трајковски, освојувајќи го сребрениот медал, постави нов македонски рекорд во скок во далечина, со 7,79 метри (претходниот беше 7,67 м, исто така, поставен од Трајковски)

АТЛЕТИКА – ПО СРЕБРОТО И МАКЕДОНСКИ РЕКОРД НА АНДРЕАС ТРАЈКОВСКИ НА БАЛКАНСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ИСТАНБУЛ

Македонскиот атлетичар Андреас Трајковски (30) освои сребрен медал во скок во далечина на 28. Балканско првенство (БП) во Истанбул, со нов македонски рекорд од 7,79 метри. Првото место му припадна на Лука Чукрковиќ (7,81 м) од Хрватска, а трет е Божидар Сарабуков (7,74 м) од Бугарија. Следниот настап на Трајковски е утре, на меѓународниот атлетски митинг во сала во Белград (Србија), а наедно се чека и потврда од Светската атлетика за учество на Светското првенство во сала, во Глазгов, велат од Атлетската федерација на Македонија (АФМ).
– Во една олимписка година, во која покрај Летни олимписки игри има и Светско првенство во сала во Глазгов и Европско првенство во Рим, македонските репрезентативци добро ја почнаа оваа натпреварувачка година. Дарио Ивановски во декември постави рекорд во маратон, Трајковски двапати соборува рекорд во сала, Адријана Поп Арсова, Дрита Ислами и Јован Стојоски, исто така, имаа добри настапи.

Кај помладите категории, Брајан Авиа се избори за норма за учество на Европско првенство за млади младинци, а блиску до норми се Јумна Фетаху, Михаил Петров и Владимир Битољану. За ова БП во сала имавме тројца претставници. Трајковски со нов рекорд во скок во далечина стигна до второто место. Претходниот рекорд, кој изнесуваше 7,67 м, го оствари на 23 јануари годинава во Архус. Дрита Ислами на 400 м се приближи до својот и македонски рекорд за половина секунда, истрчувајќи во Истанбул за 56,41 секунди. Брајан Авиа не успеа да оствари резултат во скок во височина, но ова беше едно искуство за него, кој годинава со скок од 201 см се избори за норма. На БП во Истанбул, македонските атлетичари беа предводени од тренерите Кристиан Трајковски и Димитар Петровски. Добро ја почнавме годината, а самото тоа што освоивме медал на ова БП, претставува силен успех за нас, знаејќи дека учествуваа 22 држави, членки Балканската атлетска федерација – ни изјави генералниот секретар на АФМ, Дејан Ангеловски. Г.И.