КАРАТЕ

Македонија и Хрватска на заеднички подготовки во Охрид

Македонската и хрватската сениорска карате-репрезентација се на заеднички подготовки во Охрид, кои ќе траат до вторник, а во рамките на претходно предвидениот план пред настапот на Светското првенство (СП) што ќе се одржи во Будимпешта (24-29 октомври). Покрај тренерскиот кадар, од Хрватска се присутни петнаесетина каратисти, а од Македонија селекторот за борби Александер Кузмановски и неговиот помошник Мартин Несторовски, како и 13 каратисти во двете конкуренции.
– Хрватска е моментално една од најдобрите репрезентации во светот и има многу натпреварувачи што се освојувачи на европски и светски медали, што, пак, е голема можност за нашата репрезентација, која е составена од млади каратисти полни со желба за резултати, но и поискусни, стандардни и докажани репрезентативци, исто така, со европски и светски медали, да ги одмерат моменталните форми и да се крене нивната подготвеност за високи резултати. Има расположение и во двете национални селекции соработката да продолжи и во иднина – вели Кузмановски, кој е задоволен од атмосферата и од ангажираноста на сите македонски каратисти и каратистки.
По овие подготовки ќе следуваат и завршните во Дојран. Г.И.


ТЕНИС

Синер четврти учесник на завршниот годинашен мастерс-турнир

Јаник Синер е четвртиот што се пласира на завршниот годинашен мастерс-турнир, по Карлос Алкараз, Новак Ѓоковиќ и Даниил Медведев, во Торино, во ноември, објави Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП). Италијанецот го обезбеди своето место откако го совлада Маркос Жирон во второто коло на мастерсот во Шангај. Тој првпат се пласира на овој турнир на крајот на годината, откако се натпреваруваше како замена во 2021 година, кога сонародникот Матео Беретини се повлече поради повреда, пишува АТП. Синер сезонава се пласира во своето прво гранслем-полуфинале, на Вимблдон, и го освои својот прв трофеј на мастерс-турнир од серијата 1.000, во Торонто. Тој годинава победи и на турнирите во Пекинг и во Монпелје, беше финалист на мастерс-турнирот во Мајами, потоа на турнир во Ротердам и играше во полуфиналињата во Индијан Велс и во Монте Карло. Н.М.