Фото: Маја Јаневска-Илиева

Мароко досега има седум учества на СП, првпат во 1995 година, најдобар пласман остварил во 1999-та, на 17-то место, а на СП 2021 беше 29-ти. Македонија денеска (од 18 часот) првпат ќе игра против Мароко на мундијалите, а со победа или со реми ќе настапи в среда во мечот за пласман на 27-то место, во кој би играла со Чиле или со Јужна Кореја

РАКОМЕТ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ПОЛСКА И ВО ШВЕДСКА

Македонската репрезентација на 28. Светско првенство (СП) во ракомет за мажи, во Полска и Шведска, во Президент-купот (за пласман од 25-то до 32-то место), по првата победа на ова СП со Алжир (40-15) во четвртокот, која беше и најубедлива за црвено-жолтите во настапите на мундијалите, во второто коло беше совладана од Тунис со 28-33 (меѓусебен биланс сега е 2-2 на мундијалите). Левиот бек Филип Кузмановски беше најефикасен кај Македонците со осум гола, а кај Тунижаните најпрецизен беше централниот бек Мохамед Дармул со седум погодоци.
– Имавме можност за подобар резултат, имавме и предност од еден гол, а потоа и две можности за поголема предност, но очигледно недоволно во таквите моменти да се прекрши резултатот. Тунис има поквалитетни играчи, менталитет и заслужено дојде до победата. И пред почетокот на Президент-купот реков дека шанса ќе им дадеме на помладите ракометари за да стекнат што е можно поголемо искуство и самодоверба. Токму тоа ќе биде нашата мисија тука, искуство за помладите. Нѐ чека многу напорна работа при оваа смена на генерациите. Се виде колку ни недостигаат искусните играчи, но, во исто време, силно верувам во оваа млада генерација, која во иднина треба да го покажува својот вистински квалитет – рече селекторот Кирил Лазаров.
Македонија денеска (18 ч.) во полскиот град Плок ќе игра со Мароко во третиот и последен меч од групата 2, во настојувањето да избори што е можно подобар пласман, односно 27-то место, а за тоа е потребно да не загуби од Мароко, кој, како и црвено-жолтите, има два бода, но е со послаба гол-разлика. Мароко досега има седум учества на СП, првпат во 1995 година, најдобар пласман е остварен во 1999-та, на 17-то место, а на СП 2021 беше 29-ти. Македонија досега нема играно со Мароко на мундијалите.
Потоа ќе следува и последниот дуел, со противник од групата 1, во која по две кола водат Чиле и Јужна Кореја со по четири бода, а Саудиска Арабија и Уругвај се без бодови. Во мечот за 27-то место Македонија би играла со поразениот од вчерашниот дуел Чиле – Јужна Кореја.
Репрезентациите на Франција и Шпанија од групата 1 се пласираа во четврт-финалето на СП 2023, а кој ќе биде прв решаваа синоќа во меѓусебниот дуел во Краков. Во нокаут-фазата се пласира и домаќинот Шведска од групата 2, која е многу покомплицирана и во која селекциите на Португалија, Исланд и на Унгарија синоќа се тркаа за второто место, кое води во четврт-финалето.
Од Групата 3, во четврт-финале се пласираа Германија и Норвешка, а нивниот меѓусебен меч вечерва е решавачки за тоа која селекција ќе биде на врвот. Во Групата 4, Египет е сигурен четвртфиналист, а актуелниот светски првак Данска вечерва игра со Египет во обид да се пласира во четврт-финалето, а за тоа место од таа група кандидат е и Хрватска.
По првата групна фаза и две кола од втората рунда, без загубен бод, со по пет победи, беа шест репрезентации, и тоа Шпанија, Франција, Шведска, Германија, Норвешка и Египет.
На листата на стрелците води десниот бек на Холандија, Кај Смит, со 38 погодоци од 55 шута (69 отсто успешност), втор е Чилеанецот Ервин Фојхтман со 37 гола од 56 шута (66 отсто), а трет е левото крило на Исланд, Бјарки Мар Елисон ,со 36 гола од 47 удари (77 отсто). Г.И.


СП 2023

ГРУПА 1
Црна Гора – Словенија синоќа
Иран – Полска синоќа
Шпанија – Франција синоќа
ТАБЕЛА
Франција 4 4 0 0 8
Шпанија 4 4 0 0 8
Словенија 4 2 0 2 4
Црна Гора 4 1 0 3 2
Полска 4 1 0 3 2
Иран 4 0 0 4 0

ГРУПА 2
Зелено’ртски О. – Унгарија синоќа
Бразил – Исланд синоќа
Шведска – Португалија синоќа
ТАБЕЛА
Шведска 4 4 0 0 8
Португалија 4 2 1 1 5
Исланд 4 2 0 2 4
Унгарија 4 2 0 2 4
Бразил 4 1 1 2 3
Зелено’ртски О. 4 0 0 4 0

ГРУПА 3
Катар – Аргентина 15.30 ч.
Србија – Холандија 18 ч.
Германија – Норвешка 20.30 ч.
ТАБЕЛА
Германија 4 4 0 0 8
Норвешка 4 4 0 0 8
Србија 4 2 0 2 4
Холандија 4 2 0 2 4
Катар 4 0 0 4 0
Аргентина 4 0 0 4 0

ГРУПА 4
САД – Белгија 15.30 ч.
Хрватска – Бахреин 18 ч.
Египет – Данска 20.30 ч.
ТАБЕЛА
Египет 4 4 0 0 8
Данска 4 3 1 0 7
Хрватска 4 2 1 1 5
Бахреин 4 2 0 2 4
Белгија 4 0 0 4 0
САД 4 0 0 4 0

ПРЕЗИДЕНТ-КУП
ГРУПА 1
Ј. Кореја – Чиле синоќа
С. Арабија – Уругвај синоќа
ТАБЕЛА
Ј. Кореја 2 2 0 0 4
Чиле 2 2 0 0 4
С. Арабија 2 0 0 2 0
Уругвај 2 0 0 2 0

ГРУПА 2
Тунис – Алжир 15.30 ч.
Македонија – Мароко 18 ч.
ТАБЕЛА
Тунис 2 2 0 0 4
Македонија 2 1 0 1 2
Мароко 2 1 0 1 2
Алжир 2 0 0 2 0