Профа, никој не ве чита!

Не, не станува збор за читаноста на колумните; овде само позајмив наслов од статија што ги анализира значењето и смислата на пишување научни трудови. Насловот на друга слична статија е уште побрутален: „Зошто научните работници пишуваат ѓубре што никој не го чита?“. Заклучокот на двајцата автори е загрижувачки, особено за нас од општествените и хуманистичките науки, но и поттикнува на размислување. Двајцата автори се повикуваат на анализи (на светско ниво), кои го покажуваат следното: околу 82 отсто од објавените статии од областа на хуманистичките науки не биле цитирани ниту еднаш; од оние што биле цитирани, дури 20 отсто не ни биле претходно прочитани. Половината од научните статии никогаш не ни биле прочитани од некој друг освен од авторот (коавторите), рецензентите и уредниците на списанијата. А професорите и истражувачите и натаму мораат (или се очекува од нив) да истражуваат и објавуваат, и тоа во врвни списанија со т.н. фактор на влијание. Publish or perish (објави или исчезни) е добро познат слоган во академските кругови, особено на Западот. Не дека научните трудови се навистина „ѓубре“, но ако членовите на академската заедница си зборуваат (пишуваат) само за тесен круг колеги или само за лична промоција, тогаш следува заклучокот дека е попуста целата таа мисија. Идејата (и идеалот) на науката е да му служи на човештвото/општеството, да ги просветлува неговите членови, да сугерира решенија за проблемите, да нуди иновации што ќе го подобрат човечкиот живот. Голем број научници и го прават тоа – но нивниот глас не стигнува до ушите на државните лидери или до центрите на одлучување на локално, национално или глобално ниво. Затоа, нашата работа честопати завршува како „ѓубре“, како изгубен глас во етерот. Во сферата на техничките, природните или медицинските науки ситуацијата не е толку безнадежна, бидејќи дури и ако државата не гледа полза од нивното знаење, тука се корпорациите и индустриите што ќе ги искористат нивните изуми. Иако не секогаш во полза на човештвото, ама сигурно во полза на капиталот и профитот. Вистина е, како што наведуваат и авторите погоре, дека кога ќе ти биде објавена статија во списание со импакт-фактор тоа носи огромна лична сатисфакција, дури и ако си одамна редовен професор кому бодовите и цитираноста не му се нужни за кариерата. Но паметен автор најмногу што може да се надева е дека изнесените сознанија ќе допрат до некои ќошиња од академската заедница што се блиски до центрите на моќ, па можеби некој некому ќе му шепне за она за што пишуваш. Така, на пример, деновиве ми излезе од печат таква статија со наслов „Октроирани устави и меѓународно градење држави: македонскиот случај“, а во мене, покрај радост, и голема тага. Уставот за кој пишувам во светско списание е пред нова промена, наметната однадвор. Државата и нејзиниот народ пред ново понижување и разнебитување. Од демократија и демос не остана ни Д. Немојте ни да мислите дека таму надвор е лесно да објавиш нешто што не се совпаѓа со доминантната идеологија и (гео)политика. Онака како што ме гледаат како дисидент овде, така ме гледаат и таму – како политички некоректна и „радикална“. За среќа, постојат мали „острови“ и „оази“ што ја избегнаа корпоративната контрола над критичката мисла. Но, како што ми кажа еден американски колега, кому му честитав за извонредната статија за темплејтот (урнекот) на обоените револуции од страна на САД: вистина е дека сè уште нè толерираат, ама немаме никакво влијание врз политичките и други процеси што ги водат моќните!

Предавството на интелектуалците и професорите (иако двете категории не се идентични) е евидентно, и тоа на глобален план. За состојбата на македонски план не треба ни да ви кажувам, нели? Да беа тие чесни пред себе и пред научната етика, немаше да молчат додека се потпишуваа Охридскиот, Бугарскиот и Преспанскиот договор. А политичарите да си ја сакаа државата, а не сопствениот џеб, ќе се советуваа и бараа ум пред да се поклонат пред господарите однадвор. Така, научните работници во голем број се само приврзоци на елитите на кои им даваат легитимитет и кои потоа се повикуваат на нивните титули и јавно искажана поддршка. Кетманизмот не е феномен само од минатите социјалистички режими (за што пишуваше Чеслав Милош): тие се вечни! Тие се оние што се греат и „цветаат“ покрај министрите, премиерите, функционерите, тајкуните, коморите и сл. Тоа се оние медиокритети што ќе се сликаат и надуваат како мисири (хм, сличен на сличниот се радува) додека безброј пати ќе ја наведат својата докторска/професорска титула и фактот дека предаваат на најдобриот универзитет во државата. Ако ги побарате во светските бази на научници, никаде нема да ги најдете. Ви треба некој локален „радар“ на кој ќе им ги прочитате „меѓународните трудови“ напишани на еден ужасен англиски јазик. Како бисер ќе ви ја понудам само првата реченица од еден таков труд, во која се вели: „Знаењето во 21 век е значајна врска во развојот на општеството“. Врска (link во оригинал) е без-врска, ама поминало (божем) рецензија и лектура. Такви примери има безброј. Знаете зошто? Затоа што кај нас глуп профа е оној што бара некој да го рецензира и да се стреми кон подобро. Умниот профа објавува „меѓународни трудови“ во Македонија, на лош англиски јазик, без рецензија (или божем рецензија) и има огромно CV. И, се разбира, многу советнички и други тезги, во споредба со кои бедната професорска плата му е за дреболии, а не за живот. Затоа овде политички партии „си ги мерат“. Докторатите и професорите, де. Дипломи штанцани на сличен начин како и статиите од погоре служат за легитимирање лидери и корумпирани партиски структури. Да, понекогаш служат и за бранење партии и вождови. На пример, ако го чепнете Али мали ќе ви скокнат најпознатите да ви кажат дека сте албанофоб и дека немало „емпириски докази“ за тоа дека ДУИ е легло на корупција. Партијата и нејзиниот лидер овде се поистоветуваат со етносот (ако веќе не со антикорупција, демократија, НАТО и ЕУ).
Да се вратам на статијата што ме инспирираше за оваа колумна… Во неа се вели дека решение за бесмисленоста на науката (и фактички замолчената/затворената наука) е појавувањето во медиуми, учеството во јавната расправа, влијание на јавна сцена повеќе одошто на чисто научна. Го читам ова и се смеам: сето тоа е добро, и навистина познавам брилијантни луѓе што го прават тоа (Чомски и Јан Оберг се двајцата што први ми паѓаат на ум)! Но, што кога сферата на јавниот дијалог (поточно медиумите) е веќе етнизирана, политизирана и корпоратизирана? Двајцата што ги спомнав нема да ги најдете во мејнстрим-медиумите во САД или Данска/Шведска. Не, таму се забранети. Ги гледате на разни други платформи и алтернативни медиуми. Се разбира, ако сакате; ако сте љубопитни и веќе свесни дека медиумите лажат (за сите пари). За бинарната и бесмислена поделеност на „продемократски/про-ЕУ и про-НАТО“ и на „конзервативни/националисти“ неодамна прочитав извонреден текст од Давор Џалто, извонреден професор и интелектуалец (патем, и левичар) за поделбата на „наши“ и „нивни“. Како да си ги читав сопствените мисли, а човекот пишуваше (со право) за сите балкански средини. Очајно е колку сме слични ама буквално во сè, па и во глумењето наука и јавна дебата.
Јас останувам на оваа колумнистичка платформа, како давеник што се фаќа за сламка. За да не мислам дека џабе ми се сите научни трудови и да се надевам дека можеби барем нешто од напишаното стигнува некаде. Иако останува фактот дека краток текст на Фејсбук има дааааааалеку поголемо влијание од најдобро напишан труд или колумна. Но и тоа влијание не се преточува во акција. Останува да се пишува за ментално здравје, за болката и немоќта да не почнат да те „јадат“ однатре. Тоа многу поубаво уште одамна го напиша англискиот писател Греам Грин: „Пишувањето е форма на терапија; понекогаш се чудам како ги избегнуваат лудилото, меланхолијата, паниката и стравот инхерентни на човечката состојба сите оние што не пишуваат, компонираат или сликаат“.