ФОРМУЛА 1 – ФИА

Сите тимови во Формула 1 го почитуваа ограничувањето на трошоците за тој спорт во 2022 година, соопшти управното тело, Светската автомобилска федерација (ФИА), пренесе „Би-би-си“.

ФИА додаде дека на 10-те тима им биле издадени сертификати за усогласеност со ограничувањето од 140 милиони долари по „интензивен и темелен процес“. Се вели дека имало „обемна проверка на какви било активности што не се поврзани со Ф1“. Тие вклучуваат „повеќе посети на тимските капацитети и внимателни ревизорски процедури“.

Ограничувањето на трошоците е дел од серијата регулативи што имаат цел да го израмнат натпреварувањето во текот на неколку години. Други правила со иста цел го вклучуваат системот на ограничувања за аеродинамичко тестирање, кој на лизгачка скала од врвот до дното му дава на најуспешниот тим најмалку време за користење тунел за ветер, а на најмалку успешниот најмногу, пишува „Би-би-си“. Вредностите се менуваат секои шест месеци според позицијата во првенството.