ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ОДБОЈКА

По поразот во четвртото коло од Холандија со 0-3, црвено-жолтите во осминафиналето ќе играат со Италија (в сабота) или со Србија (в недела)

Македонската машка одбојкарска репрезентација по поразот од објективно посилната Холандија (поради повреда не настапи капитенот Никола Ѓоргиев), со 0-3 (19-25, 19-25, 16-25), во четвртото коло од групата Ц во Скопје, на 33. Европското првенство (ЕП) во историското осминафинале в сабота или в недела во Бари (Италија) имаше две опции за тоа кој ќе ѝ биде ривал. Со победа на синоќешниот дуел со Чешка, македонската репрезентација во осминафиналето ќе игра со европскиот првак од 2019 година, Србија, в недела, а со пораз, со актуелниот европски (од 2021 година) и светски шампион (од 2022 година) Италија, в сабота.

И двата ривала се исклучително силни. Посакуваната цел е остварена, Македонија првпат се пласира меѓу најдобрите 16 европски селекции на едно европско првенство, откако црвено-жолтите беа 17-ти на дебито на ЕП во 2019 година и 23-ти на ЕП 2021.
До одигрувањето на вчерашното последно коло беа познати речиси сите осминафинални двојки. Засега се знае дека Данска, која загуби на сите пет дуели во групата Ц, е последнополасирана, 24-та, на ЕП 2023 и дека пласман во втората фаза не обезбедија и Естонија, Швајцарија, Шпанија, Финска, Израел и Грција.

Четвртфиналните дуели се закажани за понеделник и за вторник, полуфиналните за 14 септември, а мечевите за бронзениот и златниот медал на 16 септември во Рим. Носителите на медали ќе се пласираат на Светското првенство во 2025 година.

Младиот и надежен одбојкар на Македонија Тоше Ефремов (15), кој влезе во игра во самата завршница на третиот сет на дуелот со репрезентацијата на Холандија, најверојатно е најмладиот играч што досега воопшто настапил на едно европско првенство. Талентираниот одбојкар на прволигашот Струмица игра на позицијата примач и е голем потенцијал за иднината на македонската одбојка. Г.И.


Во Скопје се поставуваат и светски рекорди

Покрај тоа што се игра возбудлива одбојка, во групата Ц во Скопје се соборуваат и светски рекорди во овој спорт. Холанѓанецот Нимир Абдел-Азиз постави светски рекорд за најсилен сервис во репрезентативната одбојка, постигнувајќи брзина од 136 км на час. Малку подоцна, на мечот Полска – Данска (25-23, 25-9 и 25-20), полскиот репрезентативец Вилфредо Леон го подобри светскиот рекорд, постигнувајќи брзина при сервисот од 138 км на час. Истовремено ова претставува и израмнување на светскиот рекорд, кој исто така е во негова сопственост, но во клупските настапи на Леон за екипата на Перуџа, поставен во октомври 2020 година. Г.И.