Ќе бидат испратени покани до сите федерации да ги номинираат своите играчи, a светски познати тренери ќе спроведуваат сесии на четири јазици во дванаесет групи во текот на пет месеци, информира ФИДЕ

ШАХ – ФИДЕ

Комисијата за тренери на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) објави на својата интернет-страница дека на 13 јануари 2024 година продолжува Шаховската академија, која е од суштинско значење за развој на млади таленти, обезбедувајќи ѝ на секоја федерација еднаков пристап до тренинг на највисоко ниво со извонредни тренери од светска класа и дополнителни мотивациски активности за најпосветените млади шахисти.
Светски познати тренери ќе спроведуваат сесии на четири јазици во дванаесет различни групи во текот на пет месеци. Планирано е тренинг-кампот на ФИДЕ да се одржи во Менорка, од 27 март до 2 април, а потоа и третото издание на меѓународниот шаховски опен-турнир на Менорка. Местото на вториот камп ќе биде објавено до крајот на февруари. Ќе бидат испратени покани до сите федерации да ги номинираат своите играчи.
Шаховска академија е заедничка иницијатива на ФИДЕ и „Чесaбл“, водечката светска платформа за е-учење шах. Нејзината мисија е да им помогне на новите играчи да станат најдобри што можат. Лани над 400 надежни шахисти од повеќе од 80 федерации имаа бесплатен пристап до курсевите за шах, плус ексклузивни лекции од врвни светски тренери. Меѓу инструкторите на академијата се петкратниот светски првак, Индиецот Вишванатан Ананд, победникот на Светскиот куп на ФИДЕ од 2021 година, Полјакот Јан-Кшиштоф Дуда, и многу други врвни шахисти, пишува ФИДЕ. Г.И.