Од нив, три се први места, четири втори и осум трети, што претставува забележителен успех на прилепскиот клуб
ЏУДО – НА ТУРНИРИТЕ ВО АМИНДЕО, ЦЕТИЊЕ И ВО СКОПЈЕ
Прилепскиот цудо-клуб Сеишин викендов настапи на три меѓународни турнири, на кои освои вкупно 15 медали. На турнирот во грчкиот град Аминдео, на кој учествуваа околу 300 натпреварувачи од педесетина клуба од Македонија, Турција, Србија, Бугарија, Албанија, Израел, Молдавија, Грузија, Украина, Ерменија, Кипар, Грција и од други држави од регионот, Сеишин настапи со најмалата категорија натпреварувачи, деца родени од 2012 до 2017 година, меѓу кои на повеќето ова им беше и прв натпревар од ваков тип.
– Од осум натпреварувачи освоени се вкупно девет медали, односно едно прво место, три втори места и пет трети места, бидејќи еден од натпреварувачите учествуваше во две тежински категории – вели тренерот на клубот, Дејан Мицкоски, кој заедно со тренерот Марио Тошески го предводеше Сеишин. Тие се задоволни од постигнатото, бидејќи повеќето од натпреварувачите дебитираа на ваков силен меѓународен турнир.
Прво место и златен медал освои Владан Стрезовски (категорија до 36 кг). Втори места им припаднаа на Владан Стрезовски (до 34 кг), Христијан Бунески (до 30 кг), Бисера Јовеска (до 33 кг) и на Бисера Цветкоска (до 30 кг). Трети на подиумот, пак, завршија Матеја Николоска (до 27 кг), Мила Здравеска (до 45кг), Тамара Стојковска (до 45 кг) и Александар Игнески (до 24 кг).
На турнирот, пак, во Цетиње, Црна Гора, во организација на тамошниот клуб Црногорац, учествуваа џудисти од Црна Гора, Македонија, Србија, Косово, Словенија, БиХ и од други држави од регионот. Сеишин, предводен од тренерите Мартин Ристески и ветеранот Киро Здравески, настапи со пет натпреварувачи, а освои три медали, од кои два златни и еден бронзен.
Со злато се закитија Теодора Илиоска (до 48 кг) и Тамара Илиоска (до 44 кг), додека бронзата му припадна на Давор Најдоски (до 46 кг). На турнирот, Теодора Илиоска беше прогласена за најдобар техничар во старосната категорија помлади пионерки за што доби и пехар. Екипата ја предводеа тренерите Мартин Ристески и ветеранот Киро Здравески, кои се задоволни од прикажаното на сите свои натпреварувачи.
И на традиционалниот меѓународен турнир во Скопје во организација клубот Миоки, Сеишин предводен од тренерите Мики Чадамов и Марио Цинцароски настапи со осум натпреварувачи, а освои три медали, од кои еден сребрен и два бронзени. Сребро освои пионерот Дарио Нанески (до 50 кг), а бронзи кадетот Јован Стојановски (до 50 кг) и кадетката Теа Настоска (до 44 кг). Г.И.