Фото: Маја Јаневска Илиева

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, презентирајќи отчет за двегодишното работење на Министерството за финансии, оцени дека изминатите две години биле период на фискална дисциплина, стабилизација на јавните финансии и економско закрепнување, и покрај глобалните економски предизвици, пренесе МИА.

Таа истакна дека Владата се определила за долгорочни економски политики наместо краткорочен популизам и посочи дека економските показатели бележат подобрување.

-Во периодот од 2017 до 2023 година просечниот економски раст изнесуваше околу 1,8 проценти. Денес имаме значително повисока динамика – три проценти раст во 2024 година, 3,5 проценти во 2025 година, а и во 2026 година очекуваме стабилна позитивна траекторија на економски раст – рече Димитриеска-Кочоска.

Според неа, инфлацијата, која во 2022 година достигнала 14,2 проценти, во мај годинава е намалена на 4,8 проценти, што, како што оцени, придонесува за постабилна економска средина и подобрување на животниот стандард.

Министерката посочи дека во изминатите две години е забележан и континуиран раст на платите. Номиналниот раст изнесувал 12,6 проценти во 2024 година и 9,6 проценти во 2025 година, додека за годинава се очекува да надмине осум проценти. Дополнително, по падот на реалните плати во 2022 година, тие пораснале за 8,8 проценти во 2024 година и за уште 5,3 проценти во 2025 година.

-Свесни сме за проблемите на граѓаните, ги живееме заедно и напорно работиме да ги решиме – истакна Димитриеска-Кочоска.

Таа нагласи дека стабилизацијата на јавните финансии била еден од главните приоритети по преземањето на функцијата. Со ребалансот на Буџетот за 2024 година, како што рече, биле обезбедени средства за редовна исплата на плати, пензии и социјални трансфери, како и за навремено сервисирање на сите обврски на државата.

Министерката информираше дека во изминатите две години се сервисирани 4,4 милијарди евра од јавниот долг, додека до крајот на годинава за отплата доспеваат уште 983 милиони евра.

Според неа, покрај раздолжувањето, државата обезбедила средства и за најголемиот инвестициски циклус во последните години, како и за поддршка на стопанството, капиталните инвестиции и редовното финансирање на буџетските обврски.