Промените треба да го забрзаат форматот на турнирот, да го подобрат искуството на гледачите и да ги збогатат податоците и аналитиката за тенисерите, тренерите и за публиката, пишува АТП. Меѓу новитетите се тоа дека нема загревање на теренот, има помалку време за сервис, има пониско судиско столче…, а од претходните изданија останува форматот на мечевите (во три добиени сета, секој сет до четири гејма, гејмови без предност), дозволено е движење на гледачите на стадионот, освен зад основните линии, помалку време за одмор помеѓу сетовите…

Се тестираат нови правила за забрзување на тениските мечеви

На финалето на АТП-турнирот „следната генерација“, за тенисери до 21 година, што се игра во Џеда (Саудиска Арабија) одново ќе се тестираат нови правила во тенисот, како што беше случај на претходните изданија на овој завршен годишен турнир на најдобрите млади тенисери. Промените за 2023 година треба да го забрзаат форматот на турнирот, да го подобрат искуството на гледачите и да ги збогатат податоците и аналитиката за тенисерите, тренерите и за публиката, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП). Во продолжение издвојуваме некои од новите правила што ќе се тестираат.
– Нема загревање на теренот. Натпреварите ќе почнуваат веднаш по фрлањето паричка, а ќе има посебен терен на располагање за загревање.
– Намалување на времето за сервис. Ќе се воведат нови најмногу осум секунди помеѓу првиот и вториот сервис. Како и во претходните изданија, времето помеѓу поените ќе се намали од 25 на 15 секунди ако претходниот поен вклучува помалку од три размени.
– Играчите ќе можат да ги следат и визуализираат биометриските податоци за време на натпреварите преку уреди, обезбедувајќи сеопфатен преглед на нивните физички перформанси и одговори на стрес.
– Новиот индекс на физичка состојба ќе го долови физичкиот напор преку технологијата за следење на играчите и на топчето. Постојните сознанија, како што е квалитетот на ударите, првпат ќе бидат искористени на стадионот.
– Анализа на мечот. Новоотворената платформа ќе им биде достапна на тренерите покрај теренот, заедно со видеоснимките со податоци од натпреварот ажурирани во реално време и визуализирани на стадионот.

– Новото натпреварување пред турнирот, надвор од теренот, ќе ги мери вештините и физичката способност на играчите преку серија тестови, создавајќи нови начини за гледачите да ги анализираат ѕвездите во подем.
– Пониско судиско столче за да се намали визуелната опструкција за гледачите во арената. Електронските одлуки во живо остануваат за сите одлуки околу линиите на теренот.
Од претходните изданија на турнирот продолжуваат други тестирања. Така, ќе се игра во три добиени сета, но секој сет ќе се игра до четири добиени гејма, со тајбрејк ако биде 3-3. Гејмовите ќе се играат користејќи го форматот без предност, а серверот ќе го избере полето за сервирање. Дозволено е слободно движење на гледачите на стадионот, освен зад основните линии. Нема промена на полето на теренот по првиот гејм од сетот. На крајот на сетот, играчите ќе одмораат 90 секунди (намалување од 120 секунди).
Турнирот се игра за рекорден награден фонд од два милиона долари, пишува АТП. Н.М.