Спортските инвеститори од Саудиска Арабија сакаат да вложат пари во тенисот, а тоа може да донесе сосема поинаква организација, пишува српскиот дневен весник „Новости“

Се подготвуваат големи измени во тенисот?

Неколку медиуми, меѓу кои се издвоија „Тенис канал“ и „Спортс илустрејтед“, тврдат дека може да има револуционерни промени во тенисот во однос на најголемите турнири. Спортските инвеститори од Саудиска Арабија сакаат да вложат пари во тенисот, а тоа може да донесе сосема поинаква организација, пишува српскиот дневен весник „Новости“.
Инвеститорите од Саудиска Арабија веќе подолго време не кријат дека сакаат да донесат поелитен тенис во својата земја, а многу се шпекулира дека токму во нивната земја ќе се игра еден мастерс-турнир, па постои можност од АТП-турнејата да бидат одвоени сите четири гранслем-турнири (Австралија опен, Ролан Гарос, Вимблдон, САД опен), како и деветте мастерс-турнири од серијата 1.000 и во тој случај на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) би ѝ останале само турнирите од сериите 500 и 250 и завршниот мастерс-турнир, а други, поголеми турнири, би оформиле „турнири во суперлигата“, пишува „Новости“.
Иако за ваква револуција се потребни многу време и пари, промените се многу можни и логични кога ќе се земе предвид дека тенисерите се сѐ понезадоволни од работата на АТП, откако критиките се движат од најобични до најсериозни, како висината на премиите, распоредот на натпреварите, календарот, како и промената на топчињата, кои во изминатиот период се всушност и најголемиот проблем, оти тенисерите се жалат дека имаат проблеми со повреди поради тешките топчиња и нивните чести промени, пишува „Новости“. Г.И.