Во мечот за првото место Рамешбабу го победи Каруана со 15-13 (класично темпо 3-9, забрзано темпо 8-0 и брзо темпо 4-4)
Индискиот велемајстор (ВМ) Прагнананда Рамешбабу ја надмина негативата од шест поени на последниот ден од турнирот, за да го победи Американецот Фабијано Каруана со 15–13 и со тоа да триумфира на Големата шаховска турнеја за 2026 година. Во мечот за третото место, Американецот Весли Со го победи Германецот Винсент Кејмер, откако ги освои сите четири партии со брзо темпо, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
Сезоната на Големата шаховска турнеја кулминира со финалниот турнир, во шаховскиот клуб Сент Луис (САД). Четирите највисокорангирани шахисти од целата турнеја по регуларната сезона, Рамешбабу, Со, Каруана и Кејмер, се натпреваруваа на нокаут-турнир за круната на ова престижно натпреварување.
Секој меч вклучуваше по две класични партии, две со забрзано и четири партии со брзо темпо на игра. Вкупниот паричен награден фонд изнесуваше 450.000 долари, победникот доби 200.000 долари, второпласираниот 125.000 третопласираниот 75.000, а четвртопласираниот 50.000 долари. Првите тројца се квалификуваа за турнејата и следната година.
Во првото полуфинале Рамешбабу го победи Кејмер со 19-9 (класично темпо 9-3, забрзано 8-0 и брзо темпо 2-8). Во второто, Каруана беше подобар од Со со 18-12 (8-6, 4-4, 6-2). Во мечот за третото место, Со славеше над Кејмер со 18-12 (6-6, 4-4, 8-0, притоа Со доби бонус два поена од мечот со брзо темпо). Во дуелот за првото место Рамешбабу го совлада Каруана со 15-13 (3-9, 8-0, 4-4).
Годинава се одржаа пет турнири од оваа серија, не сметајќи го финалниот. На првиот турнир во Букурешт (Романија) победи Ханс Ниман од САД, на вториот во Варшава (Полска) славеше Кејмер, на третиот во Загреб (Хрватска) победи Алиреза Фирузја од Франција, на четвртиот во Сент Луис (САД) триумфира Рамешбабу, а на петтиот, исто така во Сент Луис, славеше Со. На вториот и на петтиот турнир се играше со класично темпо, а на другите со забрзано и со брзо темпо на игра. Г.И.

































