Фото: ШКВ Скопје 72

ШАХ – ВТОР МЕМОРИЈАЛЕН ВЕТЕРАНСКИ ТУРНИР „БЛАГОЈА СОТИРОВСКИ-ЏАГУРЕ“

  • Ист број поени, седум, имаше и Стевчо Георгиевски, но поради послаб дополнителен критериум е втор, а трет е ланскиот победник, ВМ Звонко Станојоски

Македонскиот велемајстор (ВМ) и член на ШК Алкалоид, Драгољуб Јаќимовиќ (2.307, рангиран втор пред почетокот на турнирот), победи на вториот меморијален ветерански турнир „Благоја Сотировски-Џагуре“, кој ШК Ветерани Скопје 72, заедно и во согласност со семејството Сотировски и логистичка поддршка на ШК Алкалоид, го организираше во два дена во просториите на ШК Алкалоид. Во конкуренција на 28 шаховски ветерани (два ВМ, три ФМ), Јаќимовиќ освои седум поени од девет можни (пет победи, четири ремија, со играчки перформанс од 2.254 поени и загубен 1,6 р.п.). Ист број поени, седум (седум победи и два пораза), имаше и Стевчо Георгиевски (2.013, рангиран седми), кој лани беше трет, но поради послаб дополнителен критериум годинава заврши втор, со играчки перформанс од 2.173 поени, но и освоени 37 р.п. Трет е ланскиот победник, ВМ Звонко Станојоски (2.318, рангиран прв), со 6,5 поени (пет победи, три ремија и еден пораз, со играчки перформанс од 2.150 поени и загубени 9,6 р.п.). Четврти е Илија Стошевски (2.025, рангиран шести), петти е Срѓан Христовски (2.143, рангиран трет), а шести е ФМ Љубомир Хаџи-Манев (1.881, рангиран 10.), сите со по шест поени. Се играше 15 минути партија со плус 10 секунди по потег, почнувајќи од првиот.
Благоја Сотировски-Џагуре беше големо шаховско име на Македонија и трикратен првак (1951, 1953 и 1954). Како најмлад на 19 години ја освои првата титула (заедно со Оливер Николовски), што е ненадминат рекорд, а младинската во 1950 на 18 години. За само три и пол години играње шах настапи на првенството на Југославија, каде што го подели шестото-седмото место. Настапувал за ШК Градител и ШК Студент, а во САД играше на тамошните првенства и ја освои титулата ФМ на САД. Сотировски е роден во 1932 година, а почина на 15 мај 2015 година. Шахот беше неизбришлив дел од неговиот живот. Г.И.