Фото: ЕПА

Жабер има по едно финале на Вимблдон и на САД опен, двете лани, а Вондроушова играше за трофејот на Ролан Гарос во 2019 година

ТЕНИС – ГРАНСЛЕМ-ТУРНИР ВИМБЛДОН

Онс Жабер од Тунис со голем пресврт ја победи Арина Сабаленка од Белорусија и втора година по ред ќе игра во финалето на тенискиот гранслем-турнир Вимблдон, денеска со Маркета Вондроушова од Чешка. Жабер губеше со 0-1 во сетови и 2-4 во гемови во вториот сет, но потоа победи со 6-7, 6-4, 6-3. Вондроушова ја победи Елина Свитолина од Украина со 6-3, 6-3.
Денеска ќе има нова шампионка на еден гранслем-турнир, откако двете тенисерки досега немаат таков трофеј. Жабер има по едно финале на Вимблдон и на САД опен, двете лани, а Вондроушова играше за трофејот на Ролан Гарос во 2019 година.
Жабер може да стане првата тенисерка од Африка со гранслем-титула, првата тенисерка што победила три од првите 10 тенисерки на ранг-листата на Женската тениска асоцијација (ВТА) на гранслем-турнирот во Вимблдон по Серена Вилијамс во 2012 година, првата што трипати победила по негатива од еден сет, за влез во гранслем-финале по Јелена Остапенко на Ролан Гарос во 2017 година, а трета во т.н. опен-ера (од 1968 година) што го направила тоа на Вимблдон, по Жастин Анен во 2001 година и Марион Бартоли во 2007 година, пишува ВТА.
Вондроушова, пак, стана првата неносителка што стигнала до финалето на Вимблдон во женска конкуренција во опен ерата. Чешка веќе има две шампионки на Вимблдон, Јана Новотна (1998 година) и Петра Квитова (2011 и 2014 година), а Вондроушова е втората тенисерка од Чешка што влезе во финале во сингл на гранслем-турнир годинава, по Каролина Мухова минатиот месец на Ролан Гарос, пишува ВТА.
Во финалето за мажи утре ќе играат победниците на вчерашните полуфинални двојки, Новак Ѓоковиќ – Јаник Синер и Карлос Алкараз – Данил Медведев.
Нови прваци во мешани двојки на Вимблдон се Људмила Киченок од Украина и Мате Павиќ од Хрватска. За Киченок тоа е прв гранслем-трофеј, во нејзиното прво финале, а Павиќ сега има шест, и тоа по три во машки и во мешани двојки, пишува ВТА. Павиќ по два трофеја освои на Вимблдон, САД опен и на Австралија опен, а на Ролан Гарос има по две финалиња во секоја конкуренција. Н.М.