ИН МЕМОРИАМ

Еден од основачите на струшкиот ракометен турнир и поранешен ракометар на Струга и на Работнички, Крсте Чакар, почина во својата 86-та година од животот. Леворакиот „бомбардер“, кој целиот свој живот ѝ го посвети на својата голема спортска љубов, ракометот, уште од младите години беше нерешлива енигма за многу противнички голмани.
Како тренер на РК Стружанка го постигна најголемиот клупски успех на струшки ракометен спорт, предводејќи ја екипата во полуфиналето на Купот во поранешна Југославија, а со тимот настапуваше и во Првата Б- лига во Југославија. Одликуван е со повеќе златни медали и плакети за неговиот голем придонес во развојот и афирмацијата на спортот.
Автор е на книгата посветена на фудбалскиот клуб Караорман, формиран во 1923 година, а која по повод 75-годишнината од постоењето на клубот им ја посветил на ФК Караорман и својот татко Борис, кој бил долгогодишен успешен тренер. Чакар завршил Филозофски факултет, отсек книжевност, а работел како професор по македонски јазик и литература во ЦСО „Нико Нестор“ во Струга.