Во Подгорица македонската репрезентација во првиот меч ја совлада Црна Гора со 82-67, а во вториот загуби со 57-91

КОШАРКА – ТЕСТ-СРЕДБИ ПРЕД ЕП ВО СКОПЈЕ

Младинската кошаркарска репрезентација на Македонија (за играчи до 20 год.) оствари победа и пораз во Подгорица против соодветната селекција на Црна Гора, во рамките на подготвителните дуели пред Европското првенство (ЕП), дивизија Б, кое ќе се игра во Скопје (7-16 јули).
Избраниците на селекторот Никола Василев првиот меч го добија со убедливи 15 поени разлика, 82-67. Андреј Митревски беше најефикасен со 16 поени, а по 14 коша уфрлија Андреј Шошкиќ и Резарт Мемед, додека Марин Петков постигна 10.
На вториот меч, одигран следниот ден, исто така во Подгорица, домаќинот беше уште поубедлив, славејќи со високи 91-57, односно со 34 коша разлика. На овој дуел македонскиот стручен штаб одлучи да направи неколку промени, а во составот не беше ни главниот адут во играта под кошевите, центарот Теодор Симиќ.
Кај Македонците ниеден кошаркар не забележа двоцифрен број на кошеви. Мемед постигна девет, седум реализира Милош Јовановиќ, а по шест постигнаа Митревски, Петков и Карло Блажевски.
На ЕП во Скопје, дивизија Б, има вкупно четири групи од по пет селекции, а црвено-жолтите се во групата А, заедно со Словачка, Бугарија, Чешка и Ирска. Првите две селекции од секоја од групите одат во завршната фаза. Натпреварите ќе се играат во СРЦ „Кале“ и СЦ „Борис Трајковски“, а прв противник на црвено-жолтите во СРЦ „Кале“ (18.30 ч.) им е репрезентацијата на Чешка. Г.И.