Високите температури и обилните врнежи од дожд до над 3.000 метри надморска височина значеа дека патеката не е подготвена за трки, објави ФИС. Тоа ќе беа први прекугранични спуст-трки во Светскиот куп, со старт во Швајцарија, а цел во Италија

СКИЈАЊЕ – ПОРАДИ ТОПЛО ВРЕМЕ И ДОЖД

По контролата на снегот на патеката Гран Бека, поради топлите временски услови се откажани двете спуст-трки за скијачки што беа закажани за 5 и 6 ноември во Светскиот куп во алпско скијање, објави Интернационалната скијачка федерација (ФИС) на својата интернет-страница. Претходно беа откажани и трките за скијачи, закажани за викендов.
Високите температури и обилните врнежи од дожд до над 3.000 метри надморска височина значеа дека патеката не е подготвена за трки. Косината на глечерот уште е во совршена состојба, но долниот дел е премногу мек и на трките не може да се гарантира безбедноста на спортистите, пишува ФИС.
– Се надевавме, заедно со организаторите, на подобри вести. За жал, откажувањето на женските трки е неизбежно. Би сакале да им се заблагодариме на организаторите за нивната голема посветеност и цениме дека се вложија сите напори за да може да се одржат трки. Продолжуваме да веруваме во овој уникатен прекуграничен проект за спуст – рече генералниот секретар на ФИС, Мишел Вион.
Тоа ќе беа први прекугранични трки, со старт во Швајцарија, а цел во Италија.
– Доколку температурите беа два-три степена пониски во претходните седум дена, ќе имавме обилни снежни врнежи сѐ до целта и ќе можевме да произведеме технички снег. Природата мора да се почитува и да се прифати. ФИС немаше друг избор освен да ги откаже трките – објаснува претседателот на организацискиот комитет, Франц Јулен.
Организаторите веќе работат на тоа да ја направат реалност премиерата на оваа трка кон крајот на есента во 2023 година.
– Можевме да научиме многу во изминатите неколку недели и месеци и уште сме убедени во нашата идеја и нашата стратегија. Оваа иновативна и единствена трка е додадена вредност за секого, за спортот, за спортистите, за двата региона, за туризмот, за зимската индустрија. Затоа ќе продолжиме да работиме напорно за следната година да има спектакуларни спустови во подножјето на Матерхорн – рече Јулен.