Фото: Зоран Антоски

Во кичевското село Гарани се одржа традиционалниот турнир во борење „Ускана 2022“, на кој учество зедоа голем број на борачи од сите клубови од земјава, од кои дел се и репрезентативци на Македонија. Поради ковид-состојбата на боречкиот турнир немаше учесници од странство, како што беше тоа во претходните години.Турнирот финансиски беше поддржан од локалната бизнис-заедница, како и од претставници на дијаспората од Швајцарија и САД, родум од овој регион.

– На штотуку завршениот традиционален боречки турнир „Ускана 2022“ зедоа учество над 30 борачи од сите клубови во земјава. Борачите беа поделени во пет класи според тежината. Во класа 1, првото место го поделија Самир Ибраими од Ускана и Увејс Сеифулах од Слобода Скопје, а на третото место се пласира Горан Атанасов од Радовиш. Во категорија 2, првото место му припадна на македонскиот репрезентативец во борење Дејан Митров од Штип, второто место го освои Реџеп Хајдари од Патишка Река, а на третото место се пласира Меклуд Мемиши. Во категорија 3 претставникот на Студенучани, Фати Вејсели, го освои првото место, во класа 4 најдобар беше неговиот клупски колега Арбен Абази, а во најтешката категорија, најуспешен беше Мухарем Феруки од Слобода Скопје – истакна претставник на организацијата на турнирот, Рамазан Бајрами.

Тој посочи дека боречкиот турнир бил посетен од повеќе илјади гледачи од Кичево и регионот и најави дека и до година во исто време ќе биде организиран боречки турнир, најверојатно и со учесници од странство. З.А.