ФУДБАЛ

  • СП 2026 почнува в четврток (21 ч.) со дуелот Мексико – Јужна Африка

Светското првенство (СП) што почнува задутре ќе биде најголемо досега, проширено на 48 репрезентации, три земји домаќини и 16 стадиони, кои ќе бидат домаќини на рекордни 104 натпревари во текот на 39-дневниот фудбалски турнир, во САД, Канада и во Мексико, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Светското првенство претходно се прошири за турнирот во 1998 година, по што во следните седум изданија играа по 32 репрезентации и имаше по 64 натпревари. Ова е само вторпат СП да се игра во повеќе земји, а Јапонија и Јужна Кореја беа кодомаќини на СП 2002. Ќе има 11 града домаќини во САД, три во Мексико и два во Канада. Во Мексико ќе се играат 13 меча, вклучувајќи го и отворањето на СП 2026, во Мексико Сити, в четврток (21 ч.), кога е дуелот помеѓу домаќинот и Јужна Африка. И во Канада ќе има 13 натпревари, првиот е помеѓу домаќинот и БиХ, в петок (21 ч.), во Торонто. Престанатите 78 меча на програмата се во САД, почнувајќи од сабота (3 ч.), кога Американците ќе се сретнат со Парагвај, во Лос Анџелес, а во САД се и сите натпревари од четврт-финалето и од полуфиналето, како и финалето, во Њу Џерси. Во продолжение АП направи еден поглед на некои други статистики за СП 2026.
– Има рекордни 1.248 фудбалери во составите, од 449 клуба, од 71 земја. Меѓу нив се 357 играчи со искуство од настап светско првенство. Англија е лидер со 200 играчи од клубовите во таа земја, кои се во составите на репрезентациите. Манчестер сити има најмногу играчи од кој било клуб, 19, по што следуваат Баерн со 18, финалистите од Лигата на шампионите, Пари сен Жермен и Арсенал по 16, Барселона 15…
– Португалската ѕвезда Кристијано Роналдо ги предводи сите играчи на турнирот со 226 настапи, најмногу досега од еден фудбалер, а тој е подготвен да му се придружи на Аргентинецот Лионел Меси како единствените што играле на шест СП. Роналдо е единствениот што постигнал гол на пет светски првенства (осум гола на 22 меча), пишува АП.

– Рекордот на Мирослав Клосе од 16 гола за Германија би можел да биде израмнет на СП 2026. Меси влегува на турнирот со 13 гола, заостанувајќи само зад Клосе, бразилската ѕвезда Роналдо (15) и Германецот Герд Милер (14). Килијан Мбапе од Франција постигна 12 гола на претходните два турнира.
– Само осум земји ја освоиле светската титула, а шест освоиле повеќе од една, предводени од Бразил со пет трофеи. Единствени што освојуваа прва титула во претходните 11 планетарни шампионати беа Франција во 1998 година и Шпанија во 2010 година.
– Само две репрезентации освоија две титули во низа, Бразил во 1958 и 1962 година и Италија во 1934 и 1938 година. Три други бранители на титулата стигнаа до натпреварот за титулата, вклучувајќи ја и Франција пред четири години пред да загуби од Аргентина.
– Франција ќе се обиде да стане третата репрезентација што ќе стигне до три финалиња по ред, откако победи во 2018 година и загуби во 2022 година. Западна Германија ги загуби финалињата во 1982 и 1986 година пред да ја победи Аргентина во 1990 година, а Бразил имаше победи во 1994 и 2002 година и пораз во 1998 година.
– Бразил е единствената земја што се појави на сите 23 изданија на СП, почнувајќи од 1930 година во Уругвај. Бразилците исто така водат со 76 победи, со 237 гола и со гол-разлика од плус 129. Германија е следна во сите три категории со 21 настап, 232 погодока и гол-разлика од плус 102, вклучувајќи 10 настапи како Западна Германија пред повторното обединување, пишува АП.
– Четири земји дебитираат на СП, Зелено`ртската Република, Курасао, Јордан и Узбекистан. Тоа ќе го зголеми вкупниот број на земји што се натпреварувале на светско првенство на 84 досега.
– На првите 22 светски првенства беа постигнати 2.720 гола на 964 натпревари. Рекордот од 172 погодока на еден турнир е поставен во 2022 година, а рекордот за просекот на голови е 5,38 погодока по натпревар, а е поставен во 1954 година. Н.М.


СП 2026, МЕЧЕВИ НЕДЕЛАВА

Мексико – Ј. Африка чет. 21 ч.
Ј. Кореја – Чешка петок, 4 ч.
Канада – БиХ петок, 21 ч.
САД – Парагвај сабота, 3 ч.
Катар – Швајцарија сабота, 21 ч.
Бразил – Мароко недела, 0 ч.
Хаити – Шкотска недела, 3 ч.
Австралија – Турција недела, 6 ч.
Германија – Курасао недела, 19 ч.
Холандија – Јапонија недела, 22 ч.