Кажи ми да ти кажам (7)

Низ досетливи кратки драмски текстови, писателот Владо Димовски, во соработка со „Колибри“, преку рубриката „Кажи ми да ти кажам“, на децата им ја доближува македонската фразеологија, а истовремено ја поттикнува и драмската сцена во училиштата и надвор од нив. Нашата радост ќе биде голема ако некоја од овие драмски минијатури поставите на сцена и ако го споделите тоа со нас
(Златниот и Златната си ја мерат интелегенцијата)
Златниот: Глаголски фразеологизми… Ти текнува?
Златната: Ми текнува… Да речеме со глаголот падна. Падна во постела.
Златниот: … се разболе.
Златната: Падна на колена.
Златниот: … се покори.
Златната: Падна во длабок сон.
Златниот: … заспа цврсто.
Златната: Падна од смеа.
Златниот: … многу се засмеа.
Златната: Да завршиме со фразата… Со која? Имаше една…
Златниот: Има многу, но оваа е, вака, како за тебе: Да го дувнеш ќе падне.
Златната: Како за мене?! Да ме дувнеш ќе паднам?! Нејсе, така се вели за оние што се многу слаби.
Златниот: А да се обидам!… (Силно дува)… Види ја, летна!
Златната: Многу зборуваш… не можам да те следам. Ајде, полека… До каде стигнавме?
Златниот: Стигнавме до таа кривината. Се сеќаваш, лево има една куќа, истурена, никој не живее… И влегувам внатре, полека ја отворам едната врата, по неа во ходникот… Темно, што да ти кажувам. Ај, си велам да ја отворам и втората врата… (тивко) Полека, раката на кваката…. крррц… се отвори!
И, наеднаш, од таванот…. рака. А, да избегам, раката… так! (извикува силно) Таааак!…. за глава.
Златната: (уплашена, скока…) Ми отиде душата во петици. Ти си бил за никаде. Кај има чаша со вода и шеќер?!
Златниот: Што?
Златната: Ми отиде душата во петици. Трчај по вода со шеќер!
Златниот: (се смее) Кај ти отиде душата?
Златната: Не гледаш, во петици!
Златниот: Трчам по вода со шеќер!
(Со трчање доаѓа Невена со чаша вода со растворен шеќер)
Невена: Повели блага вода. Полека пиј, за да ти дејствува. Му отиде душата во петици… Дали е можно, а? Душата во петици… Кои се тие на кои душата им оди во петици? Верувам дека знаете бидејќи оваа фраза често се користи, но јас само ќе ве потсетам. На тој што му отишла душата во петици, значи дека многу се исплашил, толку многу што побарал и вода со шеќер.


За авторот

Владо Димовски е познат македонски писател за деца, автор на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Публиката најмногу го памети како сценарист на култната телевизиска серија за деца „Умни глави“, со која растеа многу генерации. На страниците на „Колибри“ е актуелен со новата рубрика „Кажи ми да ти кажам“, која често ја читате во вашиот омилен додаток за деца и преку неа ги откривате тајните на македонската фразеологија. Неодамна од печат излезе неговата книга „Мали приказни за големи сонувачи“, со која авторот одбележува 45 години творештво. Таа може да се најде во книжарниците на „Литература.мк“.