На денешен ден во 1930 година е родена поетесата Евгенија Шуплинова

На денешен ден (9 јуни) во 1930 година, во селото Тополчани, во близина на Прилеп, родена е поетесата Евгенија Шуплинова. Таа е бележита личност во македонската литература, пред сѐ поради тоа што заедно со Даница Ручигај се први македонски поетеси што објавиле збирки во 1960 година. Нејзиното име е значајно и по тоа што од 1962 година таа е прва членка на Друштвото на писателите на Македонија. Во однос на заложбите во литературата за деца, Шуплинова е особено значајна како создавач и прва уредничка на додатокот за деца „Колибри“, во дневниот весник „Нова Македонија“. Според поетот и нејзин наследник на уредничката позиција Перо Миленкоски, Шуплинова со сето свое битие била посветена на создавањето на овие страници за деца.

– И пред да почнам да работам во „Колибри“, како учител јас многу ги сакав децата и ним им ги посветив целиот живот и целото мое творештво. Но, дружењето со Евгенија Шуплинова ми ја продлабочи и ми ја надгради таа љубов. Работејќи, постојано учев од неа. Таа беше срце што бие само за децата – вели Миленкоски.
Првата песна ја објавила во списанието „Народно здравје“, на распишан награден конкурс за ученици. Песната „Над болното дете“ на конкурсот во 1952 г. добила втора награда. Во тоа време ја објавила и песната „Пролет цветна дојде!“ („Титов пионер“, подоцна „Развигор“), за која музика напишал нејзиниот учител по музика Илија Николовски-Луј. Песната брзо станала популарна во детските градинки, а ја изведувале и училишните хорови. Охрабрена со првите литературни творби, Шуплинова се вклучила на страниците на неколку списанија за деца: „Развигор“, „Другарче“, „Наш свет“, а исто така и во дневните „Задругар“, „Нова Македонија“ и други. Таа со свои творби е присутна и во букварот и читанките за основци.
Од творештвото за деца ќе ги спомнеме книгите: „Три облачиња“, „Сончева патека“, „Ана и пеперугата“, „Сонце на детските дланки“, „Цинцилин“, „Септемвриско ѕвонче“ и „Моливчето го боли срце“.

Шуплинова новинарската кариера почнала да ја гради во „Млад борец“, потоа „Стопански весник“, а во 1955 година преминала и останала во големото семејство на новински гласила, „Нова Македонија“. Како на афирмирана поетеса, особено откако се појавила и со поезијата за деца, ѝ го довериле уредувањето на „Детски репортер“, прилог во тогашниот весник „Вечерен репортер“. Во 1957 година била ангажирана во прилогот за деца во дневниот весник „Нова Македонија“, кој со нејзиното доаѓање прераснал во „Колибри“. Околу една деценија во „Колибри“ таа пишувала поезија и проза за деца. Треба да се истакнат и нејзината уредничка работа и влијанието на низа современи писатели на литература за деца, но и на литература за возрасни. Нивните први творби во „Колибри“ поминале низ нејзините раце. Таа нив ги советувала и поттикнувала. Преку овој додаток остварила голем број пријателства со афирмирани писатели од Македонија и од тогашна Југославија, кои преку неа на македонски ги огласувале своите дела за деца.
Евгенија Шуплинова е застапена во десетици антологии за деца и во неколку за возрасни. Преведувана е на српски, хрватски, словенечки, турски, албански, чешки, украински, полски, италијански и англиски јазик. Носителка е на Орден за заслуги за народ со сребрени зраци. Добитничка е на плакети од „Нова Македонија“ и „Млад борец“. Благодарница добила од Советот за грижи и воспитување на децата на Македонија и на градот Скопје.


На брод зелен

На брод зелен
жаби пловат,
преку цел ден муви
ловат,
лесно, тикво бродот оди
крај брег сончев,
тивки води.

Тие овде ќе летуваат,
на сонцето ќе се
печат,
од настинка и реума,
покрај брегот ќе се лечат.

Жабешкиот доктор Кре-кре
им забрани да
крекаат,
но палава дружина стара,
закрека среде бара.
Закрека: кре-кре-кре!
Жабјо царство на сет глас,
слушна штркот клепа: Кле-кле!
И сите се скрија в час.

Гледа штркот в
о барата,
само жабурки
се креваат,
палавите итри жаби
се скрија и не вреват.

Сончева
патека
Златна глава
над планина крева
и лик мие во
пенлива река,
на светло му чело нежно паѓа
росен бисер златна коса мека.

И низ сводот Сончко тивко плови,
снопје зраци
и насмевки точи,
мугри бели, пролетен цвет шири,
зачудено зеленкасти очи.

Од сонцето
посребрени стапки,
трепти сводот, листи вишна гора,
поточето загргори гласно
во сјај румен, плескавична зора.

Каде мине сегде
радост носи,
крај бран морски з
елен шатор шири,
во распустот на
планини мами,
жега летна таму
ветрец шири.

Од цвет шарен пие капки росни,
а потоа над поле се смее,
пеат тревки,
зујат пчели рој
младо жито брзо едри, зрее.

Снопови златни,
разиграни зраци
од сончеви капат светли крила,
позлатен е
планинскиот срп
и полето меко како свила.

(Од стихозбирката „Сончева патека“, 1969 г.)