Второто место му припадна на Абдусаторов, со осум поени, колку што имаше и актуелниот светски првак Карлсен, но тој имаше послаб дополнителен критериум. Гири, кој двапати го делеше првото место на овој турнир, но по дополнителен т.н. тајбрејк го губеше првото место, успеа да стигне до посакуваната цел на славниот турнир, што му е и најзначаен резултат во кариерата

ШАХ – ТУРНИР ВО ВАЈК АН ЗЕ (ХОЛАНДИЈА)

Холандскиот велемајстор (ВМ) Аниш Гири (2.764 рејтинг-поени) првпат во својата кариера триумфира на еден од најстарите турнири во светот (се игра од 1938 година, ова беше 85-то издание), често, поради значењето, именуван како шаховски Вимблдон, во Вајк ан Зе (Холандија), освојувајќи 8,5 поени (четири победи и девет ремија).
Второто место на годинашниот турнир му припадна на Узбекистанецот Нодирбек Абдусаторов (18), со осум поени, колку што имаше и актуелниот светски првак во класичен, забрзан и во брз шах, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.859 рејтинг-поени), но послаб дополнителен критериум од Абдусаторов. Карлсен забележа најмногу победи на турнирот, пет.
Гири, кој двапати го делеше првото место на овој турнир, но по дополнителен т.н. тајбрејк го губеше првото место, овој пат успеа да стигне до посакуваната цел, што му е и најзначаен резултат во кариерата.
Тој славеше во последното коло против Романецот Ричард Рапорт, а Абдусаторов, кој речиси цело време беше во водство, загуби токму во последната партија со бели фигури од Холанѓанецот Жорден ван Форест. Карлсен, пак, во тоа коло го победи Индиецот Арјун Ераигиси.
Гири прикажа константна игра на турнирот, а по завршувањето на последното коло изјави за тамошните медиуми дека му е жал што Абдусаторов токму во последното коло го загубил првото место, но и дека истовремено и ја зголемил уште повеќе својата репутација во светскиот шах.
Турнир во Вајк ан Зе 2023, табела: Гири 8,5 поени, Абдусаторов и Карлсен по осум, Со, Каруана и Магсодлу по седум, Аронијан и Рапорт по 6,5, Прагнананда и Ван Форест по шест, Лирен и Гукеш по 5,5, Кејмер пет и Еригаиси четири поени. Г.И.