Промовирана книгата за деца „Ведра“ од Јулијана Величковска

Нови изданија за најмладите читатели

Во Детскиот креативен центар при МКЦ во саботата се одржа промоција на книгата за деца „Ведра“ од Јулијана Величковска, за која илустрациите ги изработи Марио Каев. Промотор беше професорката Весна Мојсова-Чепишевска, а музичката илустрација беше на Јован Јовановски.

Според рецензентот Ѓоко Здравески, „Ведра“ е приказна што си игра со архетипите, влегува длабоко и таму буричка, менува, поправа, разместува, отклучува.
– „Ведра“ ги има главните карактеристики на литературата за деца: директно му се обраќа на детето, ненаметливо го подучува, нежно влегува во неговиот несвесен свет и таму менува колективни знаења што не се нужно точни; покрај тоа, духовита е, и приказната и илустрациите. Децата ќе ја обожаваат. И, како и секоја добра приказна за деца, ова не е само приказна за деца, туку е приказна за секого – вели рецензентот Здравески.
Авторката Јулијана Величковска е писателка, уредничка и преведувачка. Досега објавила две стихозбирки и еден роман, а „Ведра“ е нејзина прва книга за деца.
Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Членка е на организацискиот одбор на интернационалната културна манифестација „Поетска ноќ во Велестово“ – Охрид. Членка е на Друштвото на писателите на Македонија. Основачка е на издавачката куќа „ПНВ публикации“ од Скопје и коосновачка и директорка на „Скопскиот поетски фестивал“.

Авторка е на монографијата „20 години Поетска ноќ во Велестово“; стихозбирките „Комарци“ и „Отворена книга“; романот „Годишни времиња“, како и на повеќе од дваесет и пет книжевни преводи од англиски, руски, хрватски и црногорски јазик.
Нејзините песни се препеани и објавени на дваесетина светски јазици. Застапена е во неколку антологии на македонската современа поезија, издадени во Македонија, во Србија, во Чешка, во Грција, во Италија и во Колумбија, во две антологии на современата светска поезија, едната издадена во Кина, а другата во Албанија, како и во три антологии на кратки раскази, објавени во Македонија.
Нејзиниот роман „Годишни времиња“ беше објавен и на бугарски јазик, во превод на Поли Муканова, од страна на издавачот „Ерго“ од Софија, во 2017 година.


„Македоника литера“ објави два романа од новата серија кинески книги за деца и млади

„Македоника литера“ неодамна публикува два романа од нова серија со наслов „Најдобрата кинеска фантастична литература за деца“ – „Детето на ветрот“ од Ванг Ѓунсин и „Деца во мобилниот телефон“ од Џоу Син. Преводот од англиски јазик е на Бојана Богдановска и Дијана Крстевска.
„Детето на ветрот“ и „Деца во мобилниот телефон“ се наградени со највисоката награда за најдобар фантастичен роман за деца „Бел кит“ во Кина.
Двете книги се првите наслови од нова серија во копродукција со издавачот „Делфин книги“ од Пекинг, Народна Република Кина, со кој „Македоника литера“ досега ги реализира сериите „Најдобрата кинеска литература за деца“ со 18 книги, „Кинески народни приказни“ во пет и новелите и расказите на Шен Шиси во пет книги.
„Детето на ветрот“ е дело на фантазијата што го раскажува магичниот живот на Бенбен во долината Сребрена Трева. Со интересни ликови, со топол и нежен тон, убаво напишана и со бујна имагинација, оваа книга гради бајковит свет на убавина, добрина и чистота.
Бенбен е дете на ветрот. Бенбен може да го разбере јазикот на животните, да комуницира со самовили; патува наоколу со мајка си – ветер, ја решава кризата на една земја и спасува животи на животни во планина… Тој ги решава сите проблеми поврзани со природата или со животните.
Ванг Јунсин е млада кинеска писателка за деца. Ги објавила книгите „Шумата на тајните зборови“, „Градината на меморијата“ и „Играта на Вајлд“, како и сериите „Витез на облакот елен“, „Подигнување бајка како домашно милениче“ и др. Добитничка е на повеќе награди.
„Деца во мобилниот телефон“ опфаќа современа тема и проблеми предизвикани од технолошкиот развој што се случиле во најново време. Малата Шун мисли дека нејзините родители се неодговорни. Тие се препуштени на игрите на телефон и таа мисли дека тие повеќе го сакаат телефонот од сопственото дете. На својот роденден, малото девојче посакува да влезе во нејзиниот „непријател“ за нејзините родители да поминуваат повеќе време со неа. Еден ден, желбата на магичен начин се остварува – таа и нејзиниот пријател пингвин А Даи се „проголтани“ од телефонот и се заробени во него! И се впуштаат во гротескна авантура.
Џоу Син, новинар и продуцент на информативната програма на Радио-телевизија Шандонг, е писател во слободно време и нов реномиран автор во фантастичната литература за деца во Кина. Инспириран од илустрациите на својата сопруга, тој создал фантастични литературни дела за деца, како што се „А Даи, пингвин со супермоќ“ и „Деца во мобилниот телефон“, првично напишани за својата шестгодишна ќерка, но потоа за многубројни читатели, откако беа наградени по објавувањето.