Фото: Зоран Антоски

Хумана страница

Долгогодишната желба на членовите на здружението на родители на деца со пречки во развојот „Надеж“ од Кичево конечно со оствари, откако во трајно владение доби работен простор во бараката каде што до 2013 година функционираше Општина Другово. Иако од градоначалникот имаше ветување дека за ова здружение ќе се обезбеди работна просторија во новата општинска зграда, која е во фаза на реконструкција, сепак претседателот на здружението Ѓоко Митрески е презадоволен од постојниот работен простор и посакува тука и да останат.
– Проблемот со кој се соочувавме изминатиов период од немање соодветна работна просторија, каде што ќе одржуваме состаноци, ќе се координираме и ќе ја архивираме нашата документација, конечно е решен, откако Општина Кичево во трајно владение ни отстапи деловен простор во бараката од поранешната Општина Другово – истакна претседателот Митрески.
Тој посочи дека првиот човек на ЕЛС-Кичево планирал да им отстапи една просторија во новата општинска зграда, која е во фаза на реконструкција.
– Кај градоначалникот Дехари постоеше и постои расположение да ни обезбеди работна просторија во општинската зграда, која штотуку се реновира, но сепак сметаме дека просторот со кој моментално располагаме во целост ќе ги задоволи нашите потреби на долг рок и дека нема потреба од друг простор. Единствено ќе треба овој деловен простор да се дотера за да може долгорочно да одговори на потребите на здружението „Надеж“- додава првиот човек на здружението Ѓоко Митрески.
Тој нагласи дека кај новиот деловен простор најпрво треба да се реши проблемот со покривната конструкција, бидејќи на повеќе места покривот прокиснува, а потоа ќе треба да се обезбеди и инвентар и сѐ што во моментов му недостига на овој објект за целосно да одговори на потребите на здружението.

З.А.