Софија воопшто ниту има влијание ниту има сили или, пак, интегритет меѓу земјите-членки на ЕУ самостојно или самоиницијативно да ги попречува евроинтеграциите на Македонија - Илхан Ќучук

Признанието на Ќучук за статусот на Бугарија (во процесите што се одвиваат во рамките на ЕУ) дека таа е „секогаш на 27-то место и никогаш не предлага иницијативи, не учествува во блокови, не оди со предлози до Европскиот парламент“, всушност, ја идентификува официјална Софија како „последно дупче на свирката“. Притоа тој, сакајќи или не, демаскира дека Софија воопшто ниту има влијание ниту има сили или, пак, интегритет меѓу земјите-членки на ЕУ самостојно или самоиницијативно да ги попречува евроинтеграциите на Македонија со уцени и услови што се во целосна спротивност со декларираните вредности на Унијата. Или парафразирано со зборовите на соговорниците експерти по меѓународно право, „некој друг од Брисел ги влече конците во Софија на штета на Македонија“

Бугарија е само алатка што исполнува туѓа волја во стратегијата за (не)проширување на ЕУ со Македонија

Во деновите кога македонско-бугарските односи се под тензија на провокациите од одредени политички субјекти во Бугарија за чествување на роденденот на Гоце Делчев, со своевидна „инвазија“ со иконографија што треба да го докаже „бугарскиот идентитет“ на идеологот на македонското револуционерно движење и за самостојна држава Македонија, бугарскиот европратеник и известувач за Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, изјави дека целата ситуација е производ на „надворешни фактори што не сакаат Бугарија и Македонија да бидат во добри односи“.
– Тоа се оние луѓе што не сакаат Македонија да биде дел од Европската Унија. Тоа се оние луѓе што не сакаат нашата држава да има влијание, бидејќи ставањето вето значи дека Бугарија нема пријатели на Балканот, во ЕУ – изјави европратеникот Илхан Ќучук за бугарските медиуми.
Понатаму, во помирувачки тон Ќучук додава дека треба да се поттикнат сите обиди за намалување на тензиите и да се најде решение за проблемите. Бугарскиот европратеник посочи дека неговата земја е во Европската Унија веќе 17 години, но не може да ѝ се приклучи на Унијата за важни теми, односно за клучните реформи во ЕУ.
– Нашата земја е секогаш на 27-то место и никогаш не предлагаме иницијативи, не учествуваме во блокови, не одиме со предлози до Европскиот парламент – констатира Ќучук.

Сега веќе сѐ потешко е да се поверува дека без поддршка на повлијателни фактори во ЕУ, Софија сама го одржува притисокот и го злоупотребува ветото

Признанието на Ќучук за статусот, влијанието и иницијативноста на Бугарија во процесите што се одвиваат во рамките на Европската Унија, односно дека е на последното место од сите земји-членки, од друга страна дава силен легитимитет на сомнежите за „самоиницијативноста на официјална Софија да ги попречува евроинтеграциите на Македонија со уцени и услови“ што се во целосна спротивност со декларираните вредности на Унијата. Таквиот сомнеж ги раѓа прашањата, во чиј сѐ интерес и под чие сѐ „надворешно влијание“ ескалираат недобрососедските односи меѓу Македонија и Бугарија, односно скриените намери Македонија да не биде дел од ЕУ.
– Многу е видливо дека Бугарија во ЕУ е третирана како членка со најмало влијание на европските процеси и најнеусогласена земја со европските стандарди. Иако е членка на ЕУ, тоа е земја оптоварена со корупција и скандали од криминално-коруптивен вид. Кога една така третирана земја-членка од самата Унија, со толку незначително влијание, спроведува агресивна антиевропска кампања против земја-кандидат, како Бугарија спрема Македонија, тешко е да се поверува дека без поддршка на повлијателни фактори во ЕУ го одржува тој притисок и го злоупотребува ветото. Конечно, штом ЕУ со потпис застана зад преговарачката рамка за Македонија, позната како француски предлог, станува појасно за оние што сакаат да го согледаат тоа, дека Бугарија е машата со која се закочува проширувањето на Унијата. Улогата на Бугарија е дел од стратегијата за непроширување на ЕУ, што во неколку наврати ја искажува францускиот претседател Макрон. Таквата доделена улога на кочничар на проширувањето, пак, во Бугарија се разбра како дозвола за разгорување на нивните националистички страсти. Лошо е што со таквата неофицијална стратегија за непроширување на ЕУ ги расипавме односите меѓу Македонија и Бугарија. И покрај сета провоцирачка и политички мотивирана реторика и активности од Бугарија спрема нас во Македонија, сепак мислам дека меѓу граѓаните на Бугарија нема толкав анимозитет спрема Македонците и граѓаните на Македонија. Но факт е дека тој Договор за добрососедство ги расипа односите на официјално ниво меѓу Македонија и Бугарија и ја расипа шансата за градење вистинско пријателство и позитивна перцепција едни спрема други на граѓаните на Македонија и на Бугарија. Треба да се потроши многу енергија само да се вратиме на нивото на старите перцепции едни спрема други, а уште многу повеќе за нивно подобрување. Во секој случај, Бугарија е преслаба членка на ЕУ за да биде самостоен носител на проектот за закочување на проширувањето и да се слуша нејзиниот збор. Во ЕУ се слушаат заклучоците на Европската комисија и Советот на ЕУ – вели професорката Солза Грчева, лидерка на Глас за Македонија.

ЕУ ги искористува слабостите и на македонското и на бугарското
општество за да го (под)запре проширувањето

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, во слично размислување се надоврзува на гледиштата на професорката Грчева и смета дека ЕУ ги искористува слабостите и на македонското и на бугарското општество за да го (под)запре проширувањето.
– ЕУ го толерира провокативното однесување на Бугарија спрема Македонија, зашто ѝ оди во прилог на нејзината изгубена желба за проширување. Кога ќе се види дека речиси никој од ЕУ не реагираше на националистичките и фашистички провокации што во последниве седмици се манифестирани од официјални бугарски политичари во Македонија (европратеник и лидер на парламентарна партија во Бугарија), логиката вели дека ова однесување на Бугарија е толерирано во Брисел и е дел од некој поголем европски интерес. Во Скопје, само евроамбасадорот Гир, по неколку дена од инцидентите изјави дека однесувањето на бугарските политичари е „непримерно“, што е многу блага реакција на укор за скандалозни изјави и закани. Многу работи укажуваат дека Бугарија е далечинскиот управувач на ЕУ преку кој се спроведува одложувањето на ветувањата за проширување на Унијата со земјите од Западниот Балкан. ЕУ, всушност, не сака да се справува со други земји каде што корупцијата е институционализирана, па ги користи слабостите и на македонското и на бугарското општество како алатки за запирање на проширувањето – вели Синиша Пекевски.