Јудит Полгар

Историските преседани, како што е искачувањето на Унгарката Јудит Полгар во првите десет на глобалното рангирање, веќе покажаа дека шахистките можат да се натпреваруваат на највисоко ниво, пишува ФИДЕ. Обновениот интерес за шахот, поттикнат од портретирањето на женските шаховски чуда во популарната култура, како што е ТВ-серијата „Дамин гамбит“, дополнително го засилува разговорот околу потенцијалот за женски светски шампион во шах

Неодамнешното истражување спроведено од „Светски шах“ меѓу учесниците на елитната серија на швајцарски шаховски онлајн турнири, откри значителна промена во перцепциите меѓу шахистките во однос на родовите бариери во спортот, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ) на својата интернет-страница. Вкупно 65 отсто од испитаниците изразиле уверување дека една жена ќе стане светски шампион во шах, при што 32 отсто веруваат дека тоа би можело да се случи за помалку од пет години, а 33 отсто го предвидуваат тоа во следната деценија, пишува ФИДЕ. Оваа перспектива од мнозинството испитаници го нагласува растечкото верување во шаховската заедница дека полот нема да биде пречка за достигнување на врвот на глобалното шаховско натпреварување.
– Се согласувам со 65 отсто. Мислам дека ќе ја видиме светската шампионка многу брзо. И едвај чекам да го прославам тоа – вели Илја Мерензон, извршен директор на „Светски шах“, пренесе ФИДЕ.
Серијата турнири, организирани од „Светски шах“, во соработка со ФИДЕ, игра клучна улога во овој напредок обезбедувајќи платформа за шахистките да се натпреваруваат на највисоко ниво, да добијат видливост и да ги инспирираат аспирантите во шах.
– Секако, сметам дека жена може да го заземе тронот и да стане светски шампион во шах и навивам да се случи тоа. Своевремено Унгарката Јудит Полгар беше дел од врвните 10 во светот и тоа е еден доказ дека врвот не е недостижен. Сметам дека за да се постигне тоа, пресудни се повеќе фактори, меѓу кои, покрај талент, посветеност и работа, за достигнување на потребното шаховско ниво, потребно е градење на жените играчи во контекст на надминување на некои постојни предрасуди. Развојот воопшто во светот и во шахот нуди сѐ повеќе можности, па верувам дека некоја шахистка наскоро ќе го искористи тоа и ќе имаме женски светски првак – ни изјави македонската шахистка и репрезентативка Катерина Петровска.
Историските преседани, како што е искачувањето на Унгарката Јудит Полгар во првите десет на глобалното рангирање, веќе покажаа дека шахистките можат да се натпреваруваат на највисоко ниво, пишува ФИДЕ.

– Јас сум поборник на мислењето дека талентот, умствените способности, работата и целиот ментален склоп на една индивидуа не треба да се поврзуваат со полот. За жал, кај нас сѐ уште некои состојби и предубедувања не се сменети во системот, а и во главата на луѓето. Рамноправноста на половите е само на хартија. Се надевам дека ќе се појави некоја млада дама, која рамноправно ќе се носи со најголемите шаховски умови во наредниве 20 години. Зборувам за на светско ниво, а за кај нас тоа уште ми изгледа како научна фантастика – вели ЖФМ Весна Секуловска, учесничка на повеќе шаховски олимпијади, која е прворангирана на македонската женска рејтинг-листа на ФИДЕ и носителка на сребро од екипното Европско првенство во 2003 година, за најдобар втор резултат на втора табла.
Обновениот интерес за шахот, поттикнат од портретирањето на женските шаховски чуда во популарната култура, како што е ТВ-серијата „Дамин гамбит“ на „Нетфликс“, дополнително го засилува разговорот околу потенцијалот за женски светски шампион во шах.
– Не сме изненадени од наодите на истражувањето, кои укажуваат на зголемена доверба кај елитните шахистки воопшто. Оваа промена во перцепцијата ги нагласува тековните напори, вклучувајќи ги и оние на ФИДЕ, а тоа е да се промовираат инклузивноста и различноста во шаховската заедница. Се надеваме дека со проекти како 100 години ФИДЕ и швајцарската серија турнири, оваа инклузивност ќе продолжи да расте – вели Дана Реизние-Озола, заменик-претседателка на УО на ФИДЕ. Г.И.