СКИЈАЊЕ – ВЕЛЕСЛАЛОМ

Швајцарскиот скијач Марко Одермат (25) го освои малиот Кристален глобус во велеслалом за оваа сезона, откако победи на трката во Светскиот куп (СК) што се одржа во Крањска Гора, Словенија. Одермат постигна време од две минути, 20 секунди и 91 стотинка, што беше доволно за првата позиција. Второто место му припадна на Норвежанецот Хенрик Кристоферсен, кој заостана 32 стотинки зад победникот, додека трет низ целта мина Французинот Алексис Пантуро, со 70 стотинки заостанување.
Одермат го обезбеди малиот Кристален глобус во велеслалом вторпат во низа, на една трка пред крајот. Швајцарецот води во генералниот пласман во велеслалом со 740 бода, втор е Кристоферсен со 580, а трет е Словенецот Жан Крањец со 440.
Швајцарецот ден претходно го обезбеди и големиот Кристален глобус, со победа во велеслаломската трка, исто така во Крањска Гора. Тој во моментов е на првото место и во генералниот пласман во Светскиот куп со 1.826 бода, додека втор е Норвежанецот Александар Амот Килде со 1.240. Одермат претходно го освои и малиот Кристален глобус во супервелеслалом. Финалниот натпревар во СК ќе се одржи од 15 до 19 март во Андора. Г.И.