ПОЧНАА МЕДИТЕРАНСКИТЕ ИГРИ „ТАРАНТО 2026“
- Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, беше присутна во Таранто, каде што оствари средба со македонската делегациjа и им даде поддршка на македонските спортисти пред почетокот на официjалното отворање на Игрите, на кое и присуствуваше, информираат од МОК
Во саботата и официјално беа отворени 20. Медитерански игри (МИ) „Таранто 2026“, со спектакуларна церемонија и парада на повеќе од 3.000 спортисти од 26 земји. Честа да ја предводат македонската делегација им припадна на таеквондистот и сребрен олимпиец Дејан Георгиевски и на ракометарката Леона Миленкоска, кои го носеа македонското знаме на церемонијата. За македонските спортисти веќе почнаа натпреварите. Секој настап е нова можност, секој поен е важен, а секоја победа е гордост за Македонија.
Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, беше присутна во Таранто, каде што оствари средба со македонската делегациjа и им даде поддршка на македонските спортисти пред почетокот на официjалното отворање на Игрите. Нејзиното присуство е историски момент, оти првпат македонски претседател присуствувал на МИ. Таа беше и дел од свеченото отворање на Игрите, велат од Македонскиот олимписки комитет (МОК).
Претседателот на МОК, Даниел Димевски, во Таранто учествуваше на Изборното генерално собрание на Меѓународниот комитет на МИ (ИЦМГ), одржано во пресрет на церемонијата на отворањето на Игрите. На Собранието, Франческо Пуромуто од Италија беше едногласно избран за нов претседател на ИЦМГ, со мандат до 2030 година.
Ова е четврто учество на Македонија на Медитеранските игри како независна држава, по Мерсин во 2013 година, Тарагона во 2018-та и Оран во 2022 година. Македонија досега освои 14 медали, а новата генерација македонски спортисти во Таранто ќе има можност да ја продолжи оваа традиција. Г.И.


































