
ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (404)
Од ракометното минато (35)
- Маките на Работнички по земјотресот допрва доаѓаа. Условите за нормален живот на ракометарите беа тешки, а мечевите во Првата лига уште потешки. Работнички на крајот испадна, но со одлука на РСЈ му беше продолжен прволигашкиот статус
Првите натпревари во Првата сојузна ракометна лига во сезоната, која почна еден месец по скопскиот земјотрес, за Работнички беа исклучително тешки. Ракометарите беа раштркани низ градот, спиеја кој како ќе се снајдеше, најчесто во шатори, зашто земјотресот ги урниса и домовите на некои од нив. Во една таква ситуација немаше шанса „железничарите“ рамноправно да се носат со силните противници. Да се игра во Првата лига и онака е тешко, а во ситуацијава во која се најде Работнички играњето беше уште потешко. Меѓутоа, гордоста не им даваше да потклекнат и веднаш да се предадат. Знаеја оти маките допрва доаѓаат, но сите беа решени, почнувајќи од раководството, стручниот штаб и играчите, да играат максимално и покрај тоа што не беа во рамноправна положба со другите прволигаши.
Победа со новолигашот за мала радост
По првите три пораза за кои пишував минатиот понеделник, конечно во 4. коло дојде и првата радост. Работнички пред своите гледачи на сопственото игралиште на кое веќе немаше шатори, пред околу 800 гледачи ја совлада Слобода од Вараждин, новакот во Првата лига, со 23-20. Ова беше мала радост, но, сепак, се виде оти скопјаните ќе се борат докрај. Желбата да се игра во Првата лига во тоа тешко време беше голема. Ракометарите, заедно со фудбалерите на Вардар, беа единствените прволигаши од Македонија, па така, тие беа спортистите што внесуваа живост во тешките моменти што ги доживуваа градот и неговите жители по катастрофалниот земјотрес. Да не беа тие прволигашки средби, во Скопје ќе владееше тотална монотонија. Вака, горе-долу, со нетрпение се очекуваа неделите и дуелите на двата скопски тима со противниците. Тие мечеви, во тоа тешко време, навистина беа од големо значење. Без оглед дали ќе се победи или загуби, битно беше да се игра и да се врати оној оптимизам кај граѓаните дека ќе бидат надминати сите тешкотии.
И токму поради ова таа прва победа на Работнички ги разгали срцата на љубителите на спортот и покажа дека нема предавање, живот и понатаму продолжува. Инаку, натпреварот помина во доминација на Работнички од почетокот до крајот. Во првите 20 минути, скопјаните со брзи акции го разбија отпорот на Слобода и веќе водеа со 9-3. Во овој период од играта блескаше Брезовски, а за да не биде осамен во тој блесок подоцна му се придружија Штериев и Шахов, поранешниот играч на Графичар и на Вардар.
Другиот ден по натпреварот, поранешниот голман на Графичар, Миодраг Мицковиќ, кој се вработи како новинар во спортската редакција на весникот „Нова Македонија“ и остана тука сѐ до пензионирањето, напиша: „Победа што нѐ зарадува“. Во текстот тој ги споменува причините зошто тимот тешко влегува во форма и вели: „Во условите во кои живеат и не може да се постигне нешто повеќе. Додека сите други екипи имаат и комфор и сѐ што е неопходно за еден ракометар кој настапува во елитната лига, скопските ракометари спијат во заеднички голем шатор и се хранат од казан. Условите за живот се ’тенки‘, а кога е така и не може да се очекува нешто повеќе. Добро е и ова што го прават и треба да им се даде поддршка“.
Три пораза од хрватските екипи
Според календарот на натпреварите можеше да се види оти Работнички допрва го очекуваат тешки мечеви. Веќе по победата над Слобода, му гостуваше на тимот на Првомајска во Загреб. Овде и не можеше нешто да се очекува освен пораз, загрепчаните, кои во тоа време беа страв и трепет за другите екипи, победија со 29-14. Тие уште од почетокот со головите на разиграниот Жагместер го разбија скопскиот тим. Инаку, Жагместер многу години опстана на ракометната сцена и беше еден од најдобрите југословенски и европски ракометари. Во извештајот поднесен до управата на Работнички, тренерот Матовски констатира дека биле немоќни да се носат со моментно најсилната југословенска екипа, па бил задоволен од тоа што барем постигнале 14 гола.
Следниот меч повторно беше со хрватски тим, и тоа многу силен, Партизан од Бјеловар, стар познаник со кој играа и загубија во финалето на југословенскиот куп. Иако настапија пред своите гледачи, скопјаните доживеаја пораз, со 15-19. Работнички не беше толку инфериорен, па имаше свои периоди од играта, но никако не можеше да израмни и евентуално да помине во водство. Едноставно поразот беше неизбежен.
И со третиот тим од Хрватска, Сплит, Работнички во возбудлив натпревар беше поразен со 13-15. Овде можеше да се избори и реми, но откако скопските ракометари пред самиот крај израмнија на 13-13, дојде до пад на нивната концентрација, примија два евтини гола и испуштија шанса да освојат еден бод на гостински терен.
Конечно, по овие три пораза повторно дојде мала ведрина кај скопските љубители на ракометот. Иако малкумина очекуваа, Работнички оствари победа против стариот познаник, Борац од Бања Лука, со 21-17. Во еден коректен натпревар, скопјаните и покрај тешкотиите низ кои уште минуваа, покажаа дека се способни и да победуваат. Интересно е дека на овој натпревар тие ја прекинаа непријатната традиција и остварија прва победа во меѓусебните дуели со Борац.
До крајот од есенскиот дел, Работнички ги загуби трите средби, на гости со Партизан и со Загреб, а дома беше поразен од Млада Босна. Така, по првиот дел остана „закован“ на последната позиција, а лидер беше Партизан од Бјеловар.
Загубен Купот на Македонија
Во паузата од прволигашките натпревари, во октомври се одиграа натпреварите од македонскиот ракометен Куп. Овде Работнички по повеќегодишната доминација и освојување на Купот, не успеа и по победите над битолски Работник и над струмички Партизан, во финалниот натпревар во Кавадарци беше победен од домашниот Тиквеш со 15-14. Така, кавадарчаните беа претставници на Македонија во завршните натпревари на југословенско ниво, но и тие во првиот дуел беа елиминирани од екипата на Босна од Високо, со 17-20.
Работнички и во зимскиот период беше многу активен и не прекина со тренинзите. Причина за ова беше гостувањето за време на новогодишните празници во Холандија. Во знак на солидарност со Скопје, по сето она што го доживеа градот, Ракометната федерација на оваа земја го покани скопскиот тим да биде нивен гостин и заедно да влезат во новата година. Ова беше навистина прекрасен гест од страна на Холанѓаните и можност за ракометарите на Работнички да излезат малку од скопското сивило и секојдневие.
Годината, што се однесува до ракометот во Македонија, беше заокружена со изборот на најдобрите ракометари. Овде прв на ранг-листата што ја објави „Нова Македонија“ беше Васил Брезовски, кој зад себе имаше една успешна сезона и беше еден од столбовите на Работнички.
Откако и ова помина, се очекуваше почетокот на пролетниот дел од првенството, во кое на Работнички не му се пишуваше ништо добро. Маките продолжија и сите како одвај да чекаа што побрзо да заврши првенството. Но свесни дека имаат обврска и кон своите симпатизери, а и кон целата македонска спортска јавност, продолжија да се борат и лесно не се предаваа. Навистина ги губеа натпреварите, но секогаш го даваа својот максимум. А за тоа што не победуваа, причините не треба да ги повторувам, животот им беше отежнат и исполнет со многу проблеми, кои се јавија како последица од земјотресот. Тие беа свесни оти по она што ги снајде, заедно со своите сограѓани треба да се борат и некако да скрпат крај со крај. Друго немаше.
Уште пред почетокот сѐ беше јасно, за Работнички немаше никаков спас и беше прв на тапет за испаѓање. По очекувано бледата пролет и само двете победи против Црвена звезда во Скопје, со 11-9, и со Слобода во Вараждин, со 9-7, на крајот испадна од прволигашкото друштво.
Меѓутоа, сите беа свесни за тоа во какви услови играше Работнички во текот на сезоната, па затоа луѓето од раководството на РСЈ одлучија Работнички и во следната сезона да се натпреварува во Првата сојузна лига. Тоа беше навистина потег за поздравување и уште една потврда за големата солидарност што Скопје ја имаше по она што неговите граѓани го доживеаја.
































