По повеќе од 20 години, еден од препознатливите филмски ликови повторно се враќа на големото платно. „Кенгур се враќа дома“, новиот филм на режисерот Мирослав Момчиловиќ, од денеска ќе започне да се прикажува во кината низ Македонија. Приказната доаѓа повеќе од две децении по култниот „Кога ќе пораснам, ќе бидам Кенгур“, но новиот филм не е замислен како класично продолжение на оригиналот. Наместо директно продолжување на старата приказна, филмот повторно го отвора светот на Кенгур преку нова ситуација, нови ликови и целосно нова актерска екипа.
Главниот лик го игра Андрија Кузмановиќ, кој по премиерата објасни дека идејата била времето во приказната на одреден начин да запре, а потоа дејството да продолжи од тој момент. Во центарот на новата приказна е Кенгур, кој на 40 години ја завршува својата фудбалска кариера.
„Кенгур се враќа дома“ носи и целосно нова актерска екипа. Во филмот не се појавува ниту еден од актерите што настапуваа во „Кога ќе пораснам, ќе бидам Кенгур“. Покрај Андрија Кузмановиќ, во новата приказна играат Јелисавета Орашанин, Наташа Нинковиќ, Весна Чипчиќ, Александар Ѓурица, Милјан Давидовиќ, Оливер Кониќ и Чиама Атуанга, актерка со африканско потекло што пораснала во Лондон. Меѓу ликовите особено се издвојува Крџа, која ја толкува Јелисавета Орашанин. Таа е таксистката што го вози Кенгур, улога што значително се разликува од оние по кои публиката досега ја препознава актерката. Според Кузмановиќ, токму овој лик носи и еден интересен момент – жена таксист како значаен лик, нешто што, според неговото сеќавање, досега ретко се појавувало во домашната филмска продукција. Сценариото и режијата ги потпишува Мирослав Момчиловиќ, кој беше дел и од екипата на оригиналниот филм.