Најновото дело „Јас сум Живка“ од македонската поетеса, писателка, книжевна критичарка, есеистка и преведувачка Ирена Павлова де Одорико се одржа во библиотеката „Браќа Миладиновци“ во Скопје. Станува збор за несекојдневно книжевно дело што ги спојува поезијата, прозата и драмско-сатиричните дијалози, со силен биографски и автобиографски предзнак. Делото е посветено на Живко Павлов, бардот на македонскиот хумор и сатира и татко на авторката.
Самото заглавие „Јас сум Живка“ се појавува како метафора за генетскиот, духовниот и креативниот код што авторката го наследува од својот татко – наследство што истовремено станува дел од нејзината лична приказна, но и од пошироката меморија на македонската култура. Во рецензијата за делото се истакнува дека Павлова создава современа македонска поема, која ги поврзува личното и колективното, интимното и културната меморија, претворајќи ја приказната за животот и смртта во поетски манифест за траењето на човековиот дух.
Промоцијата беше книжевно-перформативен настан во два дела. Во рамките на перформансот беа бидат интерпретирани фрагменти од книгата во монолошка и дијалошка форма, проследени со драмски и музички паузи што дополнително ја нагласуваат атмосферата на делото. Во перформансот, покрај авторката, учествуваа: Симеон Мони Дамевски – режисер, сценарист, актер и продуцент; Роберт Вељановски – актер; Татјана Алексиќ – професорка и авторка активна во областа на културата и јавниот дискурс. За делото и неговите книжевни и културолошки аспекти говореа Михајло Марковиќ, Сузана В. Спасовска и Силвана Димитриевска.
Ирена Павлова де Одорико повеќе од една деценија живее и работи во Италија, каде што активно ги промовира македонската книжевност и култура, градејќи мост меѓу двете културни средини. Таа е авторка на повеќе книжевни дела, добитничка на национални и меѓународни награди, застапена во голем број антологии, а нејзината поезија е преведена на повеќе јазици. Книгата е објавена во издание на „Восток“ од Битола, денес „Свидерски и син“, а визуелното решение за насловот го потпишува академскиот сликар Сокол Марковски.