ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИТЕ, ЛИГА Б
- Македонија вечерва петти пат ќе се сретне со Шкотска, првпат во Лигата на нациите
Македонската фудбалска репрезентација вечерва (20.45 часот, национална арена „Тодор Проески“ во Скопје) ја пречекува Шкотска во третото коло на лигата Б, во Лигата на нациите. Во првите две кола Македонија, која дебитира во лигата Б, загуби од Швајцарија дома и од Словенија на гости, а Шкотска со тие две селекции освои еден бод, со ремито без голови на гости кај Словенија. Вечерашниот дуел ќе биде петти помеѓу Македонија и Шкотска, прв во Лигата на нациите, откако претходните четири беа во квалификациите за светските првенства во 2010 и во 2014 година.
– Шкотска е репрезентација што игра со долги топки и со многу топки во шеснаесетникот. Не смееме да ја прифатиме нивната игра, туку мора да ја неутрализираме со наша реакција. Имаат играчи од Премиерлигата, Чемпионшип и во Италија. Спремни сме да излеземе на терен, да покажеме карактер и да одиграме како што знаеме. Ја подмладивме репрезентацијата и уште ќе ја подмладувам. Критиките нека одат кај мене. По договор со Федерацијата, ќе продолжам со процесот на создавање нови играчи. Сакаме да создадеме нова репрезентација и на тој процес останувам докрај. За тоа треба време, не може сѐ да дојде прекуноќ. Кога доаѓав, знаев каде влегувам и со какви репрезентации ќе играме. Работам, гледам, следам и знам што правам. Сакам овие момци да бидат задоволни и да ја направат Македонија среќна. На мечот со Словенија, особено во првото полувреме, видовме работи од кои можам да бидам задоволен и сакам да продолжиме во тој ритам, без да се браниме – изјави селекторот Гоце Седлоски, пренесе Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Н.М.
ЛИГА Б, ГРУПА 1
Македонија – Шкотска 20.45 ч.
Швајцарија – Словенија 20.45 ч.
ТАБЕЛА
Швајцарија 2 2 0 0 6-0 6
Словенија 2 1 1 0 2-0 4
Шкотска 2 0 1 1 0-3 1
Македонија 2 0 0 2 0-5 0
































