Атмосферата во репрезентацијата е одлична, целокупната организација, како и самите подготовки течат според предвиденото, вели селекторот Мицкоски

Денеска и утре во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје ќе се одржи европскиот џудо-куп за јуниори/ки „Скопје 2023“, што за првпат се организира во Македонија. Свеченото отворање е денеска во 17 часот, по што следува финалниот блок борби, а истите тие ќе продолжат и в недела од 10 часот. Се очекува да учествуваат над 200 натпреварувачи од повеќе држави, од кои 15 ќе ги бранат боите од Македонија.
Јуниорската џудо-репрезентација заедно активно работеше во Скопје последните три дена, во согласност со програмата за завршни подготовки. Репрезентацијата ја предводат селекторите Александар Фузевски (јуниори) и Дејан Мицкоски (кадети), а присутен е и спортскиот директор Ѓорѓија Стојанов.
– Атмосферата во репрезентацијата е одлична, целокупната организација, како и самите подготовки течеа според предвиденото. Ова е сепак, тешко натпреварување, така што ќе биде неблагодарно да се даде прогноза околу настапот на македонските џудисти/ки иако би било добро да се замешаме во борба за еден од медалите – вели селекторот Мицкоски.
Влезот во салата „Јане Сандански“ е бесплатен.
По завршувањето на купот, ќе се одржи и тридневен Јуниорски тренинг- камп, исто така, во салата „Јане Сандански“ во Скопје. Г.И.